Марија Роглева од Богданци е 21 годишна студентка од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет Скопје и изминатиов викенд на 17. и 18. мај учествуваше на работилница со дизајнерскиот тим на реномираната модна куќа „Pierre Cardin“ во Париз.
Таа беше избрана на конкурсот за студенти по моден дизајн, објавен од модната куќа пред неколку месеци. Во работилницата учествуваа 64 студенти од различни европски земји, а дванаесет од нив ќе бидат избрани да учествуваат на ексклузивен настан на 4 октомври во Атина. Три првонаградени студенти ќе добијат работна пракса во студиото на Пјер Карден во Париз.
– „Моето патување низ уметноста и модата започна уште на 14-годишна возраст, кога се запишав во средното училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.
Сега сум студент на Факултетот за арт и дизајн и изминативе години студирав на насоката моден дизајн. Во слободно време, пак, се занимавам со манекенство“ – изјавува Марија за „црнобело“.
На модната работилница на „Pierre Cardin“ во Париз конкурирала на почетокот на април, на конкурсот што го проследила нејзината проф. д-р Гордана Вренцоска. Изработила мини колекција инспирирана од француската модна куќа „Pierre Cardin“ и добила покана за учество на работилницата во Париз.
– Самата модна работилница беше одржана во просториите на модната куќа во Париз, на 17 и 18 мај, а ние студентите, бевме поделени во две групи. Од големиот број апликанти, само 64 студенти беа избрани за учество на модната работилница, меѓу кои и јас.
Марија вели дека целиот овој настан за неа е мотив за уште поуспешна иднина. Стекнала големо искуство со тоа овде го запозна тимот на модниот бренд, нови странски студенти – учесници на работилницата и понатамошни контакти што ќе и’ бидат потребни за развивање на понатамошната кариера.
Марија Роглева е во третата година на студиите, а позади себе има учества на Моден викенд Скопје, Младинскиот пролетен салон, Студентското уметничко биенале во Истанбул, како и на годишните изложби на Факултетот за арт и дизајн.
Наши деца, паметни и успешни. Честитки Марија!