Еден професионален живот на просечен човек трае 35 до 40 години, но кај уметниците тој нема граници, креацијата продолжува да се излева и надвор од работното време, станува начин на изразување, станува уметничко општење со публиката на која е наменета.
Таков инспиративен гејзер од творештво и ликовно општење со животот од поднебјето на југот во изминатите години остварува академскиот сликат Борис Петров од Гевгелија кој зад себе испишува 70 години уметничко творештво.
Во чест на својот јубилеј тој во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ реализираше изложба за своите сограѓани, која се одржа на денот на Светите браќа просветители Кирил и Методиј. Како никогаш до сега, изложбениот простор на х.Аполонија не беше доволен за целата изложбена поставка од 100 уметнички дела, па тие го зафатија и холот на хотелот, а публиката уживаше во една колоритна прошетка од сликарските техники и фази на изразување на уметникот Петров.
За ваков акумулиран и плоден творечки живот достојно претставување на изложбата искажаа Климе Коробар, историчар на уметноста и Бобан Хусеновски, археолог и кустос-советник од НУ „Музеј“ Гевгелија, кои ја нагласија посветеноста, оригиналноста и уметничкиот печат на топлиот југ во творештвото на Петров. На тој начин не само што неговото уметничко око ја впиваше убавината од родниот крај, туку прикажувајќи ја на своите платна Гевгелија и регионот во пошироки рамки, ликовно го претставуваше на своите домашни и меѓународни изложби и на тој начин придонесуваше во културниот развој и промоција на регионот.

На настанот беше промовирана Монографијата „Борис Петров – 70 години ликовно творештво“ која претставува значаен документ за уметничкиот пат на Петров, содржи богат визуелен и текстуален материјал за неговите најзначајни дела, стилски еволуции, реализирани изложби, лични размисли за уметноста, како и сведоштва и записи за неговото влијание во уметноста.

Академскиот сликар Борис Петров е предвоена генерација, роден во Гевгелија во 1935 година. Сликарство завршил во Училиштето за применета уметност во Скопје, во класата на реномираниот македонски уметник Лазар Личеновски и Педагошка академија, отсек Сликарство во Скопје. По враќањето во Гевгелија, кратко време работи како наставник по ликовно воспитување во Валандово, а од 1958 година работи како ликовен педагог во ОУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, сè до своето пензионирање. Член е на ДЛУМ од 1969 година и важи за мајстор на македонскиот топол колорит, а неговата инспирација е поднебјето под кое живее и твори. Својата прва самостојна изложба ја имал во Гевгелија во 1959 година. Во неговото 70-годишно ликовно творење има одржано бројни самостојни и групни изложби во земјата и во странство. И денес, во својата 90 година од животот сè уште твори и учествува на ликовни и културни манифестации.

Посетеноста на изложбата и промотивниот настан посветен на Монографијата на Петров покажа „што значи да си најстар уметник во општината и по години, и по стаж, и по уметничко творештво. – тоа значи бројна посетеност, почит и респект кон уметникот, учителот, специјалистот на уметничкиот израз на топлината на југот.
Ако не ви е доволен овој запис, можете да ја посетите изложбата во галерискиот простор од х.Аполонија, да ги впиете златните сончевини од неговите платна, езерските далги од Дојран, зрелите овошја од југот, или можеби и да се почестите со едно сликарско платно од раката на акумулираните 70 години уметничко совршенство.
Ќе имате на сакано месо во домот 70 години уметничка историја од Борис Петров, уметник кој со годините не запира да твори, туку зрее, создава, слика и остава уметност која трае и е белег на Гевгелија.
Честит јубилеј Маестро!