Во пресрет на денот посветен на „тивките херои во сенка“ денес со пригоден настан се одбележа Меѓународниот ден на згрижувачките семејства, 1 јуни.
Организаторот на настанот беше Центарот за поддршка на згрижувачките семејства при СОС Детско село, Скопје.
Панелисти на настанот беа Ева Ефремова, стручен соработник, дефектолог, за поддршка на згрижувачки семејства и Магдалена Илиевска, стручен соработник за обука и проценка на згрижувачки семејства, психолог, при Центарот за згрижувачки семејства СОС детско село.
На настанот беа изнесени и корисни примери за соработка на центарот со ЦСР од Гевгелија. Руска Митрова изнесе податоци дека во Гевгелија функционираат четири згрижувачки семејства, едно во Дојран. Општината вложува во обезбедувње на правилен развој на децата со изградба на рекративни, забавни паркови, одржување на бесплатни курсеви за деца, бесплатен логопед и слично.
Ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија под менторство на професорката Жаклина Атанасова читаа сведоштва, евоцирани спомени од деца без родителска грижа кои биле згрижени во згрижувачко семејство, за мајка која не можела да се грижи за своето дете и оставила тоа да го обезбеди заедницата, за чувството на згрижувачкото семејство кон детето кое го примаат во својот дом.
Спомени евоцираат (читаат вистински животни приказни на деца без родителска грижа) учениците: Ѓорги Чанов, Ангела Самарџиева, Ана Стојковска, Ана Марија Ристова, Марјан Стојковски, Елена Анчева и Снежана Малева.
Ова е искажувањето, кое во име на хероината која пораснала во згрижувачко семејство, чита ученичката Ангела Самарџиева.
Во Југоисточнито регион каде функционира ЦСР Гевгелија евидентирани се 165 згрижувачки семејства кои згрижуваат во својот дом околу 180 деца. Ова не е конечната бројка на згрижувачи зошто нив ги има и во другите региони од државата.
По донесувањето на законската одредба за деинстутионализација на децата без родителска грижа и нивно згрижување во згрижувачки семејства постојано е важно да се создаваат такви „тивки херои во сенка“ за да не се остави ниту едно дете да расте без родителска грижа и љубов. Сигурниот дом, споделената љубов, разбирање, прегратка, моменти на слави и успеси го калат детето да верува во своите способности, а не дека е напуштено затоа што е не вредно. Со љубовта споделена од згрижувачите светот за овие деца станува поприфатлив, попристапен, поосвоив и функционален.
Настанот и целата програма за згрижување е поддржана од Министерството за социјална политика, демографија и млади при РС Македонија.
Секое дете заслужува дом, љубов и можност за среќен живот!