Со дефиле на фолклорни ансамбли и пеачки групи од Гевгелија и регионот насловена „Распеана чаршија“ завршија четиридневните чествувања на Спасовден, заштитникот и патрон на град Гевгелија.
Учесниците на дефилето беа и изведувачи на културна програма во Народниот театар Гевгелија каде одекнаа звуци на македонскиот фолкор и староградките песни.
Настапија: „Распеани гевгеличани“- Гевгелија, а во продолжение со богат репертоар програмата ја продолжија „Рапеани валандовчани“- Валандово, Здружение на пензионери „Сава Михајлов“- Гевгелија, „Распеани струмичани“- Струмица и вокалната група „Ѓердан“- Штип.
Домаќините публиката ја почестија со изворните песни од гевгелиското поднебје од репертоарот на „Распеаните гевгеличани“, како и интересни севдалинки со кореографија на настапи од пејачката група при Здружението на пензионери Гевгелија, кои овој месец се закитија со ПРВА награда на Ревијални средби на песни и игри во Кавадарци и се пласираа на Републичкиот натпревар.
Гостинските групи беа исто така расположени да го прикажат својот изворен фолклор од македонската народна ризница.
Дефилето низ центарот на Гевгелија беше покана на музичарите и пеачите до случајната публика во центарот на градот, да им се придружат на концертот и посетители кои ќе ги понесе песната од шеталиштето „Маршал Тито“ до концертната сала на Народниот театар.
Оваа традиција започна и трае уште од пред 10-на години кога основачот и диригент на „Распеаните Гевгеличани“ Алесандар Попов со звуците на гитарата го водеше дефилето од центарот на Гевгелија до Пионерскиот дом.
„Распеана чаршија“ останува жив доказ за љубовта кон македонската староградска песна и потреба таа традиција да се негува и пренесува на новите генерации.


