Полни автобуси гости, народ, посетители, пензионери го преплавија Дојран вчера кои со песни и ора учествуваа на манифестацијата со која официјално се одбележа почетокот на туристичката сезона во најужното летувалиште во Македонија.
Најбројни беа пензионерите кои овде ги одржаа своите Републички пензионерски средби и на овој начин најавија дека тие се редовни и најверни посетители на топлиот Дојран.
Шеталиштата беа полни, угостителските објекти исто така, се бараше столче повеќе, паркинзите беа полни со автобуси, автомобили, за сите присутни љубители на Дојран кои и ова лето ќе ги уживаат благодетите на топлото езеро и пријатната медитеранска клима.
Убавиот ден, обновените пријателства, сенките на Дојран терат на песна, па така се разлеа вито оро од гостите-посетители на платото „Под јаворите“ каде музиката ги забавуваше расположени друштва. Песната која ги крена сите на оро беше „Бисер Балкански“.
Се заредија ората и забавата која траеше… до следното видување.
Дојран со познатото Дојранско езеро е најтопло летувалиште кај нас. Капачката сезона започнува уште во мај. Водата во езерото е 26 степени целзиусови, измерено во 07 часот, а во текот на денот станува и потопла. Ова е за 2,5 степена потопла вода од 10 годишниот температурен просек во јуни за Дојранското езеро. Ако не сте го испланирале одморот, можете да испланирате да го посетите Дојран барем за викенд.