Македонија веќе бележи двоцифрен годишен пораст во бројот на странски посетители, најновите податоци покажуваат 21.6 % раст во првата половина од 2025, во однос на истиот период од минатата година.
Ако се задржи ваквиот тренд, се очекува дека бројот ќе достигне околу 1,5 милиони странски туристи до крајот на годинава, според пресметки на локалните туристички работници. Ова би можело да донесе приходи до 500 милиони евра и важно е државата и бизнисите да инвестираат во инфраструктурата, зајакнување на туристичките капацитети, развој на одржлив туризам и рамномерен регионален развој за да го одржат темпото и да извлечат максимум корист.
Министерството за култура и туризам презема низа реформски и организациони мерки, за што во моментов се одвива процес на преземање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и екипирање на секторот во рамки на министерството со што Министерството за култура и туризмот станува адреса за обраќање за туристичкото стопанство.
Министерството за култура и туризам се залага Македонија да стане вистинска туристичка земја, а тоа се постигнува со создавање услови со кои на еден гостин ќе му биде овозможено да дојде во допир со нашата култура, традиција и природна убавина.
Првите четири месеци од 2025 година ја потврдуваат позитивната насока на македонскиот туризам. Динамиката за 2025 година ветува, Македонија се позиционира како атрактивна, достапна и гостопримлива дестинација на Балканот.
Последните официјални податоци за туризмот покажуваат значителен пораст на странски туристи, и тоа во месеците кои традиционално не се сметаат за туристички пик. Овој тренд ја потврдува позицијата на Македонија како дестинација која нуди уникатни туристички доживувања во текот на целата година.
Туристите од Турција и понатаму се најбројни, со учество до 42% меѓу странските гости и постојан раст. Србија покажува исто така забележителен подем, односно раст од 20–30%, особено во Скопје и Охрид, а не заостануваат ниту Гевгелија, Дојран. Раст бележат и Германија, Грција, Хрватска и Романија, кои остануваат меѓу првите 10 пазари. Пазарите како Бугарија, Албанија и Словенија се стабилни, додека кај држави како Косово, САД, Италија и Холандија не се забележани значајни промени.