По претходно објавен јавен Оглас на Министерството за транспорт и врски на Македонија за распределување на 21 социјален стан во Гевгелија, деновиве комисијата при Министерството утврди листа од 19 социјални случаи кои ги исполнуваат критериумите за користење на социјален стан.
Распределени се 19 стана во социјалната зграда на улицa „Ацо Шопов“ бр.47 во Гевгелија, во областа „Касарна“ и исто толку луѓе од четири социјални категории ќе станат носители на правото на користење на стан во сопственост на РСМ.
Најголемиот дел од корисниците се од социјалната категорија:
– „корисници на правото на гарантирана минимална помош“ (13 лица),
– потоа на категоријата „Лица со попреченост и семејства со лице со попреченост“ (3 семејства),
– „Самохрани родители со малолетни деца“ – (2 семејства) и
– од категоријата „деца без родители и родителска грижа“ само еден корисник.
Одлуката за ваква распределба ја донесе петочлена Комисија составена од Министерството за транспорт и врски и Министерството за труд и социјала на РСМ. Членови на Комисијата минатиот месец ги посетија сите лица кои аплицирале на огласот за користење на социјален стан со увид на реалната состојба на апликантот дали фактичката состојба во местото каде што сега живее одговара на поднесените документи во апликацијата.
За одлуката на Комисијата составена од двете Министерства беа запознаени сите апликанти на заедничка средба (состанок) што се одржа во Гевгелија пред еден месец. Незадоволните лица имаа законски рок за жалба кој веќе истече. Веќе се подготвени документите, договорите за распределба на становите и се очекува наскоро 19 семејства од Гевгелија да добијат клучеви од новиот станбен простор во кој ќе ја најдат својата животна, семејна среќа.
Од ЦСР од Гевгелија велат дека имале реакции од разведени родители кои живеат со свое малолетно дете, а конкурирале во категоријата „самохрани родители“, но нив законот за социјална работа не ги третира како самохрани родители. Во оваа категорија спаѓаат родители по три основа: родители кои останале сами поради смрт на брачниот партнер, во случај на непризнаено татковство, или кога се работи за исчезнано лице (родител).

Становите се изградени по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Северна Македонија, а согласно рамковниот договор за заем склучен меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Република Северна Македонија.
Социјалната станбена зграда инаку содржи 54 социјални станови со површина од 35 до 40 метри квадратни. Првите 28 социјални стана беа доделени на 11 септември 2023 година на корисници кои припаѓаат на социјални категории според Законот за социјална работа. Деновиве е извршена распределба на уште 19 корисници кои за некој ден ќе добијат клуч на рака. Нека им е со среќа!
Доделени 28 станови од социјалната зграда во областа „Касарна“ во Гевгелија