Расправија за старателство на своето дете навело маж, сопруг од Гевгелија на немил и физичко загрозувачки потег кон својата партнерка од Пехчево. Настанот се случил вчера во Центарот за социјални работи во Пехчево.
27 годишниот насилник од Гевгелија е приведен, а на жената и е укажана медицинска помош.
Во извештајот на МВР се вели следново:
– „На 27.06.2025 околу 15 часот во Полициската станица Пехчево е пријавено дека во ходник од објект на Центарот за социјални работи во Пехчево, по претходна расправија поради недоразбирања во врска со нивната малолетна ќерка, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.Т.(27) од Гевгелија и В.П.Н.(23) од Пехчево. При тоа, според пријавеното, В.Т. ја турнал В.П.Н. во прозорецот, при што В.П.Н. паднала во дворот на објектот.
На В.П.Н. и е укажана лекарска помош од Итната медицинска помош-Пехчево, а В.Т. е приведен во полициска станица. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок“ – се вели во дневниот полициски Билтен на МВР.
Се очекува да биде разгледано и дали во конкретниот случај има елементи на семејно насилство, со оглед на чувствителната природа на односот меѓу лицата и присуството на дете како повод за инцидентот.
Случајот предизвика згрозеност кај јавноста во Пехчево, а дополнителна вознемиреност создава фактот што инцидентот се случил во институција која треба да биде засолниште за социјално ранливи лица.