Донација вредна 100.000 евра обезбеди компанијата „Конти Хидропласт“ од Гевгелија кои важат за една од најпрофитабилните фирми во Македонија и еден од водечките извозници на свои производи надвор од земјата, а донацијата ќе биде наменета за реновирање на Интерното одделение во Општа Болница Гевгелија со проширена дејност.
Гевгелиската Болница деновиве ги отвори вратите на тамошните градежни и реконструктивни работи кои се во тек за увид пред донаторот, директорот на компанијата „Конти Хидропласт“ Борис Маџунков, како и на градоначалникот на општина Гевгелија Сарамандов.
– „Со донација обезбедена од страна на општествено одговорната гевгелиска компанија „Конти Хидропласт“, обезбедени се средства за комплетна реконструкција на: Одделението за детска превентивна стоматологија и Интерно одделение при Општа Болница Гевгелија. Ваквата инвестиција ќе придонесе за посовремени и покомфорни услови за пациентите и медицинскиот персонал“- велат од Општина Гевгелија кои изразија благодарност за таквиот ангажман во сферата на здравството од страна на компанијата-донатор.


Директорот на Општа Болница Гевгелија изјави дека реконструкцијата е повеќе од потребна за удобниот болнички престој на пациентите во Интерното одделение и секако поудобни услови за работа на медицинскиот персонал:
– „Секоја соба во Интерното одделение ќе има нови подови, нови ѕидови, нов санитарен јазол, секоја соба ќе има климатизери, телевизори, нови кревети, нова опрема“ – вели директорот на ЈЗУ Општа Болница Гевгелија Патрик Матх.
Овие услови беа и до сега обезбедени пред дамнешна донација од фирмата „Аполонија“, но ново си е ново, и поубаво, и хигиенски, и со современ изглед, и секако таквиот амбиент ќе биде прифатлив за пациентите на кои во нивната потреба од болничка нега нема да им недостасува секојдневната удобност и хигиена на која се навикнати во домот.
Планираниот реконструктивен зафат се очекува да биде готов за три месеци.
Ова е голем гест на општествено одговорната компанија „Конти Хидропласт“ која на ваков начин помага всушност на целата заедница која ќе ги користи услугите на Општа Болница Гевгелија, а тоа се жителите на општините Гевгелија, Богданци и Дојран. Сите сме луѓе, на сите ни треба здравствена превентива и здравствен третман во текот на животот, а кога за него помагаат луѓе од бизнисот постапуваат со хумано срце за сите нас.
Благодарност од сите за хуманата донација!

Фото: Општина Гевгелија