Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека од утре, петок, па се’ до вторник следната недела, времето ќе биде многу топло, дневните температури во целата земја ќе бидат над 30, а во многу делови и над 40 степени Целзиусови.
Погодувате, 40-те се резервирани за југот. Гевгелија за утре има прогноза за 40 степени дневна температура, што значи нема да не$ заобиколи топлотниот бран во никој случај.
Топлиот бран се очекува да се намали од среда, кога ќе почне да дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура. Во недела, според прогнозата на УХМР, се очекува во попладневните и вечерните часови да има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Времето утре и во следните неколку дена ќе биде слично како и изминативе денови, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Во Скопје, исто така ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Температурите утре ќе се движат од 30 степени во западните планински делови на земјата, 38 степени во Југоисточниот дел, 39 во Повардарието до 40 степени во Скопје. Во сабота и во понеделник максималните температури ќе достигнат и до 41 степен. Вредноста на UV индексот ќе биде многу висока и ќе изнесува 9.
Чувајте го здравјето, избегнувајте престој на отворено сонце, пијте доволно течности и разладувајте се!
Високите температури не ги одмнуваат ниту другите балкански држави. Во Србија Републичкиот хидрометеоролошки завод предупреди дека во првата декада од јули се очекува интензивирање на топлотниот бран со максимални температури на повеќето места од 34 до 38 степени, а на одредени места и околу 40 степени. Делови од Босна и Херцеговина и Хрватска заради високите температури имаат портокалово предупредување за децата, повозрасните и хроничните болни.
Метеоролошките услови во следните денови ќе бидат опасни и заради започнување и ширење на пожари на отворено, поради сувата почва и продолжениот период без врнежи во комбинација со сончево време и високи дневни температури.