– „Река Дошница, Кожуф планина подготовка за изградба на една од двете мали хидроцентрали. Изместена е реката од природното корито и направена е штета. Но, еколошки активисти го блокираа патот кај Смрдлива Вода и работите се запрени“ – ова е констатација на новинарката Милка Смилевска од „Ал Џезеира Балкан“ која денеска ја посети р.Дошница и местото каде треба да биде лоцирана новопланираната мини хидроцентрала.
Немајќи кого да интервјуира бидејќи работите се запрени таа направила кадри и снимки од тамошниот терен.
Погледнете ја оваа природна убавина – текот на чистата река на која од брегот и’ се закануваат багери-копачи: „Ќе и’ го кршат р’бетот, ќе и го местат телото!“
Реката Дошница опседната со багери, копачи и на двата брега. Ќе и’ го кројат течението за да се изгради мала хидроцентрала, за приватен инвеститор, кој од оваа дејност очекува да профитира.
Еколошки активисти од минатиот четврток, значи веќе деветти ден, го блокираат патот кај Смрдлива Вода и работите се запрени. Паркираните багери сведочат за „профитните намери“ на инвеститорите над оваа природна убавина.
Еколошките активисти од Гевгелија, Кавадарци, Неготино и други здружени, ЗГ „Зелена котлина“ повикуваат да им се придружат граѓаните на блокадите на патот до реката Дошница на Кожуф планина, а од поддржувачите очекуваат да им помогнат со артилки, храна, средства за хигиена на камперите кои и дење и ноќе се на Кожуф со блокади од 06 до 18 часот, а ноќе престојуваат во Смрдлива вода.
Планинската бистра вода од Дошница со својот природен шум гласно повикува за СПАС!