Во Словенија утрово падна снег во летниот месец јули.
По минувањето на студениот фронт, температурите во Словенија паднаа доволно ниско за највисоките врвови во земјата да добијат јулски снежен покривач. Снежната граница се спушти на околу 2.200 метри надморска височина, соопшти словенечката Агенција за животна средина (ARSO), објави Газета експерес.
На снимките од метео-камерите на врвовите Кредарица и Канин јасно се гледа првиот јулски снег, а на највисоката метеоролошка станица на Кредарица во 10 часот биле измерени 0 степени Целзиусови.

Ладен бран пристигна и во Хрватска. Силно и неочекувано невреме утринава околу 9 часот го погоди Сплит, предизвикувајќи хаос во сообраќајот и сериозни штети низ градот.
Небото нагло се затемни, врнежите беа интензивни, придружени со грмежи и силен ветер што уриваше дрвја и гранки, превртуваше контејнери и оштетуваше објекти. Според порталот „Далмација Данас“, од некои згради паднале делови од фасади и лимени конструкции.
Студениот фронт донесе и обилнии врнежи од дожд во пониските делови на Словенија и Хрватска. Невреме денеска има и во Италија, а стаса и до Белград. Силниот ветер во Нов Белград собори кран врз зграда.
Ова претставува драстична промена по периодот на екстремно високи температури кои беа над 40 степени. (Видео од невремето во Хрватска).
Делови од поширокото градско подрачје останаа без електрична енергија, а сообраќајот на повеќе локации беше целосно блокиран поради поплави и затнати одводи. Драматични снимки покажуваат автомобили кои „пловат“ низ улиците и пешаци кои бегаат пред надојдените води.
Особено тешка ситуација имаше во сплитското пристаниште за траекти, каде што траект удри во два брода. Едниот од нив потона, потврди директорот на Пристанишната управа Сплит, Вице Михановиќ.

Студениот фронт во четврток пристигнува и во Македонија
Овој студен бран се движи кон југоисток. Се очекува тој во четврток, да пристигне и во Македонија. Метеоролозите најавуваат значително освежување и пад на температурите. Исто така, ќе дува и засилен северен ветер. На места се можни и врнежи од дожд.