Денеска од 25 активни пожари во државата, за жал 5-ти ден по ред се известува за активниот пожар кај с.Николиќ, дојранско, кој пред два дена сериозно ја загрози населбата.
Денеска од утрото се интервенираше на терен со хеликоптер на МВР. Овој воздухоплов леташе и гаснеше и вчера на опожарените подрачја над с.Николиќ.
Попладнево резултатот е повторно ист: Пожарот кај с.Николиќ е се’ уште активен. Ветрот го разгорува и „носи“ во правец северо-запад, на кај ридестите области во подножјето на Беласица.
– „Во овој пожар штетата во однос на шумскиот фонд е мала затоа што изгоре површина каде што има само прнар, трње и трева. Она што беше лошо во овој пожар е тоа што се закани сериозно на селото Николич и уништи лозови и овошни насади, а изгоре и поголема количина балирана слама која луѓето си ја имаа собрано во неколку штали и на копи. Да го средиме целосно пожарот, ќе излеземе со конкретни податоци за се како што треба“ – изјавува зам. директорот на ЈП „Македонски шуми“ Кире Михаилов.
Поради густиот чад на кој два дена интензивно беа изложени жителите на Николиќ, вчера и денеска екипа на Брза помош од Гевгелија е на располагање на тамошните жители.
Денеска, во периодот од 18 до 20 часот, пред продавницата “БР-МАРКЕТ” во село Николич имаше на располагање комплетна медицинска екипа на ЈЗУ Општа Болница Гевгелија. Сите граѓани кои чуствуваат печење на очите, отежнато дишење, или било какви други промени на нивната здравствена состојба, или што и да е можеа да се јават на преглед!
Сонцето зајде, падна ноќта, огнот ќе ја пустоши зелената маса во ридовите кон Беласица. Само да му дојде крајот на пожарот, посакуваме сите!
