Денеска во кругот на семејството, во својот семеен дом се одјави од овоземниот живот Борис Дојранлиев, во својата 65-та година од животот.
Роден на 19 декември 1959 година, во Гевгелија, Борис својот живот, образование и животни радости ги помина во Гевгелија, дипломира на Факултетот за безбедност, одбрана и мир, при Филозофскиот факултет во Скопје, а 40 години обавуваше професионална дејност во Царинска управа – Скопје, како успешен цариник, водач на смена на ГП „Богородица“, а последното работа позиција му беше раководител на Царинска испостава „Железничка станица“ Гевгелија.
Беше познат по својот широк карактер, отворен разговор, искреност и вистинољубивост, поради што беше омилен од пријателите, колегите, соработниците, со другари од школските клупи, со нови другари стекнати во животот. Го познаваа од Гевгелија до Сежана во времето на СФРЈ, кога братските републики беа една држава, а границите ги контролираше една Југосовенска Царина. Широкиот поглед на свет и човекољубието го носеше подалеку, во други земји, нови спознавања, нови пријателства.
– „Борис Дојранлиев, освен што беше вреден работник беше и извонредно хуман човек со своите над 50 подарени единици крв во службата за трансфузиона медицина при Општата болница во Гевгелија. Никогаш, уште еднаш – НИКОГАШ не рече НЕ, или НЕМОЖАМ да дојдам да дарувам крв кога беше повикан да дојде во Службата за Трансфузиона медицина Гевгелија и да дарува крв за некој пациент, а имаше ретка крвна група и службата често пати имаше потреба од неговата крв. Борис со својата подарена крв помогна и/или спаси многу животи“ – се сеќава за него д-р Баламовски.

Борис ги уживаше пензионерските денови само година ипол опкружен со љубовта на семејството, сопругата, двете деца, петте внуци и многубројната фамилија во Дојранлиево мало. Таму ја црпеше енергијата, таму го испушти последниот здив.
Во Гевгелија е познат градски лик, со боемските манири наследени од гените на својот дедо по кој го носи името. Ги обожаваше песната, музиката, чалгиите, а особено старите адети на семејни собирања за радости, за семејни славења.
Роднините, бројните познаници и гевгеличани ќе можат да му упатат последен поздрав утре во Градската капела во Гевгелија каде неговиот одар ќе биде изложен од 10 часот, а погребот ќе се одржи во 11 часот, утре 12 јуни 2025 година, на градските гробишта во Гевгелија
Последен поздрав до Борис, посветениот цариник, незаборавниот другар, пријател, гевгелиски чаршијски лик кој секој го познаваше. Нека ти е светол патот!
