Македонската ученичка Сара Стефановска триумфираше со бронзен медал на Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025), која се одржа од 14 до 20 јули во Бон, Германија.
Покрај Стефановска, Антонела Владева од Свети Николе се здоби со олимписка пофалница, додека Елена Трифуноска од Тетово и Јагода Панова од Струмица имаа задоволително учество.
Од Сојузот на информатичарите на Македонија соопштуваат дека ова е трет последователен успех за македонските девојки на ЕОИД, со вкупно 8 медали досега – “1 сребрен и 7 бронзени”.
Тимот беше предводен од д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од ФИНКИ, со поддршка од Сојузот на информатичарите на Македонија.
На ЕОИД 2025 учествуваа 138 девојки од 38 европски држави, како и 85 натпреварувачки од земји надвор од Европа.
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е натпревар во програмирање, посветен исклучиво на ученички – средношколки од државите во Европа, кои покажуваат интерес за изучување на компјутерските науки.
Целта на ЕОИД е да го стимулира учеството и присуството на девојките во полето на информатиката, обезбедувајќи простор каде што надарените ученички можат да ги покажат своите способности и да се натпреваруваат на меѓународно ниво.
Следната ЕОИД ќе се одржи во Италија во 2026 година, а македонските информатичари веќе се подготвуваат за следниот голем предизвик – Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Боливија, која ќе се одржи од 27 јули до 3 август.