Историски успех: Два сребрени медала и две олимписки пофалници за Македонија на Интернационалната Олимпијада по Информатика во Сукре, Боливија обезбедија учениците од Гевгелија, Штип, Прилеп и Гостивар.
Носители на СРЕБРЕН медал се учениците Леонид Цуклев од Гевгелија и Дамјан Давков од Штип, а Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп и Виктор Максимоски од Гостивар освоија Пофалници.
Овој успех е остварен на 37-мата Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025) што се одржа во Сукре – уставниот главен град на Боливија, во срцето на Јужна Америка. Олимпијадата се одржа од 27-ми јули до 3-ти август.

На оваа олимпијада, учениците-информатичари – претставници на Македонија, ја продолжија традицијата на одлични резултати на меѓународните олимпијади по информатика, овој пат постигнувајќи историски најголем успех.
Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на алгоритмите и програмирањето за средношколци го имаше најдобриот олимписки тим на информатичари кои го остварија најдобриот резултат до сега од учеството на Македонија на оваа меѓународна Олимпијада од 1996 година до сега.

На ИОИ 2025 учествуваат вкупно 330 ученици од 86 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, освоени се 2 сребрени медала за Македонија од страна на Дамјан и Леонид. И останатите двајца наши натпреварувачи, Благој Рујаноски Стојановски и Виктор Максимоски, имаа солидно претставување, при што и двајцата освоија олимписка пофалба, што означува дека во еден од натпреварувачките денови освоиле поени во ранг на медал. Ова одличје го освојуваат околу 10% од учесниците на олимпијадата.

Честитки за носителите на ОЛИМПИСКО СРЕБРО!
Честитки за носителите на Пофалници!
Македонија има умни деца кои знаат да победуваат и во светска кокуренција!


