Почина Душко Чифлиганец (32 год.), син на познатиот бизнисмен Ванчо Чифлиганец, кој беше и во раководните структури на „Адора“, потврдуваат членови на семејството. По повеќе од 24 часа борба за неговиот живот во чешка болница, тој не успеа да преживее.
Лекарите се обидуваа да го спасат откако тој падна од морот во Чешка, од што се здобил со сериозни оштетувања на мозокот. Несреќата се случила вчера околу 16 часот на брзинска мотоциклистичка трка на автодромот во Брно, Чешка.
Според информации на организаторите, Чифлиганец изгубил контрола врз моторот во една од високобрзинските свиоци, излетал од патеката и се здобил со тешка трауматска повреда на главата.
Семејството веднаш по несреќата заминало за Чешка, каде со докторите ги разгледувале сите опции за лекување. Душко, по падот, бил во кома и приклучен на апарати.
Душко е познат како љубител на мотори и автомобили. Има добивано престижни признанија за брзински мотоциклизам.
Душко Чифлиганец е генерален менаџер на фирмата „Адора”. Долги години живее во Дубаи, каде заврши и дел од високото образование.
Душко Чифлиганец беше заменик претседател на „Адора бизнис групација“ од Скопје и директор на „Adora Living Solutions“.
Душко Чифлиганец беше пасиониран учесник во брзинскиот мотоциклизам, адреналински спорт со кој се занимава од мали нозе, а во последните две години се вклучи и во меѓународните натпреварувања.
Тој беше познат и како активен учесник во хуманите активности на групацијата, која своите дејности од оваа област ги спроведува и во Србија, преку заедничка хумана мисија со Фондацијата Новак Ѓоковиќ.
