Во Јапонија во среда наутро беше одржана минута молчење по повод 80-годишнината од фрлањето на атомската бомба од страна на САД врз градот Хирошима, јавува Анадолу.
На 6 август 1945 година, во 8:15 часот по локално време, бомба со збогатен ураниум од четири тони, наречена „Мало момче“, експлодираше над Хирошима, уништувајќи околу 90 проценти од градот. Околу 80.000 луѓе загинаа речиси веднаш. Подоцна, како резултат на експлозијата, вкупниот број на жртви достигна околу 140.000.
Три дена подоцна, слична судбина го снајде и јапонскиот град Нагасаки. Експлозијата на бомбата со плутониумско јадро, наречена „Дебелко“, одзеде околу 40.000 животи, а околу 30.000 луѓе загинаа подоцна.
На 15 август 1945 година, Јапонија капитулираше и Втората светска војна заврши во Азиско-пацифичкиот регион.
Атомските бомбардирања, кои го забрзаа завршетокот на Втората светска војна, остануваат единствениот пример во историјата кога нуклеарно оружје било искористено во војна.
Со наглото смалување на бројот на преживеани, чија просечна возраст веќе ја надмина границата од 86 години, овој јубилеј се смета за последен значаен настан за многу од нив.