Спортскиот клуб на слепи лица „Аурора“ Гевгелија во соработка со Здружението на слепи лица Гевгелија по петти јубилеен пат организира меѓународен викенд шаховски турнир за слепи лица во комплексот Негорски бањи.
Турнирот започнува утре 15-ти август и ќе трае три дена, се’ до недела 17-ти август.
Оваа година на турнирот ќе учествуваат 22 шахисти од целата земја, а присуство потврдија и шахисти од Република Србија.
На турнирот учество ќе земат учество и шахисти од Гевгелија од СК „Аурора“ и тоа: Трајков Лазо, Туранов Стамко, Туртуров Ѓорги и нашата најмлада шахистка Трајкова Лана која што има само 14 години, а оваа година веќе зад себе има две бронзени медали од двете најсилни државни првенства во Република Македонија.

Организаторот на турнирот за најдобро пласираните шахисти има предвидено и парични награди и тоа 8.000 денари за првопласираниот, 6.000 за второпласираниот и 4.000 денари за третопласираниот натпреварувач.
– „Без поддршка од нашите долгогодишни соработници и спонзори, овој настан не би можел да го задржи нивото и квалитетот на организација. Затоа голема благодарност изразуваме до нашите спонзори и тоа: „Вори“ Гевгелија кој го покрива наградниот фонд на турнирот и за секој шахист обезбедува подарок од својот асортиман на производи, општина Гевгелија, општина Богданци, „Пеинт ин блек“, „Џиви“ Гевгелија, Фондацијата „Ице Бегов“, „Риго импекс“, „Випро“ Гевгелија, „Томео“ Спорт, „Сага Грос“ и „Мебел Аризанов“, велат од организациониот тим на Спортскиот клуб на слепи лица „Аурора“ Гевгелија.
– „На турнирот своето учество го откажаа шахистите од Република Грција поради големиот христијански празник кој што временски се преклопува со турнирот. Се надеваме дека следната година и тие ќе бидат присутни со што би го подигнале квалитетот на овој традиционален турнир на уште повисоко ниво“ – велат организаторите од СКСЛ „Аурора“.
Шаховските фигури на црно-белите полиња утре ќе бидат вкрстени во 16:00 часот со почетокот на првото коло од турнирот, а пред тоа ќе биде свеченото отварање во Негорските Бањи Гевгелија.