Приватната фирма која изнајмуваше машини за изградба на хидроелектраната на реката Дошница си ја повлекува механизацијата од терен, објавија од организацијата „Чејнџмејкерс фор ол“ на својот профил на Фејсбук. Тие ја поткрепиле објавата и со фотографии на кои се гледа како со камион се тргаат машини од терен. Иако, според нив, ова е резултат на народниот отпор, тие велат дека битката за Дошница не е завршена и бараат Владата да ја поништи дозволата за градба на хидроелектраната.
– „Досега целта е исполнета, градежни активности нема. Веројатно оваа приватна фирма, која ја изнајмил инвеститорот, не сака да биде на ѕидот на срамот на уништување на природата, па затоа си ја повлекуваат механизацијата. Овој чекор е добар пример, се заблагодаруваме за нивната свесност, но тука не е завршена нашата борба. Треба да се повлечат сите машини од терен“, вели Марина Томова од „Чејнџмејкерс фор ол“ за Мета.мк.
Според активистите, овој чекор е направен за да се намали тензијата, односно да се смири ситуацијата сега во периодот на предизборие. Сепак, оттаму велат дека најважно е да се раскине договорот за концесија со концесионерот.

– „Ако тоа не се случи, ќе возратиме со поголем удар. Во моментов многу е важна правната битка. Бараме укинување на дозволата, а најавуваме и протести во Скопје пред Министерството за животна средина и просторно планирање. Датумот не го откриваме“, велат активистите.