Веќе пет дена како после реакција на граѓаните за алармантната состојба со нивото на водостојот во Дојранското езеро од Министерството за животна средина јавија дека се пуштени три пумпи за дотур на вода од „Системот за спас на Дојранското езеро“ кај Ѓавото.
Жителите на Дојран пресреќни поитаа да видат дали навистина дотече вода во сливниот канал од пумпите до езерото. Водата течеше со брзо темпо да го прегрне езерото.
Таквата слика ги израдува дојранчани, но околната слика на просторот, со затревениот канал, со запуштениот парк, сувата неискосена трева која претставува опасност од опожарување ги наведе самоиницијативно да се зафатат со урeдување на просторот околу каналот во месноста Топлец, кај Нов Дојран.
Прв на терен со трим за косење се појави Бранко Караколев од Нов Дојран. Тој веќе пет дена ја коси сувата израсната трева, ја собира во купчиња и ја одложува. Времето е топло, а тој е неуморен. Заедно со својот другар Самир Патрон кој му помага досега потрошиле 16 литри гориво. Велат никој не им помага, бараат донација од барем уште 10 литри гориво и уље за трим косилката, за да ја завршат целата работа со уредувањето на просторот.
Не е никакво чудо што се нафативме на оваа работа. Овде израснавме. Треба да се чува езерото, системот и да се чисти и уредува просторот. Ние не чекавме други да се сетат. Сами дојдовме и почнавме со работа, вели Караколев.
Водата дотече до Топлец, треба да заличи и Топлец и со водата која тече кон езерото, и со глетката во паркот изграден во чест на овој проект „За спас на Дојранското езеро“.
Бранко го знаете, тоа е момчето што минатата година во големата бура беше одвлечен во длабоките води на езерото, а големите бранови кои дуваа кон северо запад го однесоа на брегот на грчка територија. Бранко беше во чамец со намера да лови, но наместо лов на риба беше принуден да го преплива езерото, откако чамецот му се преврте од големите бранови. Бранко живее покрај езерото, го сака езерото, а тоа со своите бранови го помачи малку повеќе, ама го остави жив.
Благодарноста на Бранко Караколев кон езерото покрај кое расте и се буди секој ден е голема и на овој наин покажува дека му посакува на Дојранското езеро живот, како што езерото го остави жив во таа бурна авантура со брановите, ветрот, студот и ноќта.
„Преку езерото“ – Сеќавање на Бранко, пливачот по кој се трагаше во разбрануваниот Дојран