Годинашниов 5-ти по ред турнир во шах за слепи и слабовидни лица „Аурора 2025“ го сочинуваат 22 натпреварувачи на возраст од 9 до 75 години старост.
Најмалиот од сите натпреварувачи е 9 годишниот Јован Димов, од Свети Николе, ученик во 4-то одделение. Игра шах од својата 7 годишна возраст, настапувал до сега на школските турнири организирани од специјалното училиште за слапи и слабовидни лица „Димитар Влахов“ во Скопје, а настапи и на Националното првенство во шах за слепи и слабовидни лица.
Јован својот прв дуел вчера го имаше со Лазе Трајков од Гевгелија. До сега одигра 4 натпревари и има освоено 1 бод. До крајот на турнирот остануваат да се одиграат уште три кола.
Највозрасниот по години и по стаж во шахот е Благоја Мишевски од Прилеп, воедно тој е и претседател на Спортската Федерација за слепи на Република Македонија. Благоја е роден 1950 година и има 75 години. Тој вчера на отварањето на спортскиот настан го направи првиот потег на шаховската табла бр.1 кај што играше Јован и со тоа го означи турнирот „Аурора“ за отворен.
Ова е моментот кога најмалиот и највозрасниот шахист на Меѓунарониот шаховски турнир „Аурора“ во Гевгелија ја имаа својата официјална спортска средба на шаховската табла.
Инаку до пладне беа одиграни 4 кола, а водство на табелата има Филип Арсов од Скопје со одиграни 4 натпревари и реализирани 4 победи.
Гевгелискиот тим составен од 4 шахисти котираше вака: Лазе Трајков 3 поени за три остварени победи, Лана Трајкова 2 поени, и Туртуров и Туранов со по една победа.
На турнирот настапуваат натпреварувачи од Ваљево, Србија (3-ца), од Скопје, Тетово, Охрид, Струмица и од Гевгелија.
Утре на програмата е седмото последно коло од турнирот и прогласувањето на тројцата најдобри шахисти на „Аурора 2025“.

