Третиот и последен натпреварувачки ден на „Аурора 2025“ по одиграни 7 кола и сумирање на резултатите денеска во објектот на Негорски бањи Гевгелија беа прогласени најдобрите шахисти на Меѓународниот шаховски турнир “Аурора 2025”.
- Победник е Лука Булатовиќ од Ваљево, Р.Србија, со остварени шест победи во седум шаховски кола, и освоени 6,0 бодови.
- Второ место освои Зоран Костадиновски (6 бода), но за разлика од победникот прв бил поразен на шаховската табла.
- Третото место го завзеде Жарко Соколовски – 5,5 бодови,
- Четвртото Филип Арсов со 5,5 бодови (прв претрпел пораз).
- За петтото место се избори Лана Трајкова од Гевгелија со освоени 4,5 бодови. Лана има само 14 години и се котираше најуспешно од 4-ро члениот шаховски тим на Гевгелија.
Пласманот на најдоброте 5-мина го објави судијата Пепи Танчев, а наградите ги додели Лазе Трајков од името на организаторот, Спортскиот клуб за слепи и слабовидни лица “Аурора” Гевгелија.
Меѓународниот шаховски турнир се одржува по петти јубилеен пат во Гевгелија во организација на СКСЛ „Аурора“ во соработка со Здружение на слепи и слабовидни лица од Гевгелија.
Настанот го поддржаа бројни локални бизнис фактори, правни лица и Општината Гевгелија, и сите заедно придонесоа 22 учесници на турнирот да се чувствуваат добредојдени во Гевгелија, спортски расположени за шаховска игра и наградени од спонзорите со плодови од поднебјето на Гевгелија.
Честитки за победникот и за сите учесници на турнирот.





