Дали е ова „Честитка од новопечениот газда на Ски центар Кожуф“ до берачите на шумски плодови?
Со вакво прашање гевгеличанец, познат берач на шумски плодови на Кожуф планина известува дека сегашниот пат од Смрдлива вода до Ски центар „Кожуф“ е изоран, раскопан и непрооден до висините на Кожуф.
Наместо уживање во природните благодети на планината, шумата, чистиот воздух, нејзините плодови, секој намерник со возило ќе остане на половина пат изненаден од најновата состојба со патот до Ски центар „Кожуф“, кој е изоран со дупки и непрооден. Ваква е состојбата од вчера, недела, 17 август. На Кожуф немаше тајфуни, торнада па земјата да се раскопа само на една точка, се гледа дека тоа е човечко дело, со раскопување на патот кон висините на Кожуф.
Гевгелискиот берач вчера утрото се упатил да бере боровинки на Кожуф, а на враќање затекнал раскопан и уништен пат, по кој не може да помине ниту со својот мотор.
– „Ние берачите сме на најниското ниво од економската скала. Сакаат да ни го земат лебот? Сакаат да не доаѓаме да береме боровинки? Е нема да може. Јас и утре ќе дојдам тука. Сега треба да изигравам Македонија пат, да го поправам патот за да се вратам дома. Со кој памет го прават ова?“ – прашува гевгеличанецот, потпишан на социјалните мрежи како Аксиј Омо.
Тој е решителен дека ваквиот однос на газдата на Ски центарот на Кожуф е неправеден кон сите кои доаѓаат на планината. Но, дали треба да се случи некоја несреќа, да има жртви па да се постапи одговорно кон ресурсите во планината, прашува тој.
Граѓани доброволци, преку јавен протест за спас на реката Дошница на Кожуф планина веќе 40 денови поставуваат блокади за да не помине тешката механизација која треба да гради мини хидроелектрани на Кожуф. Присутната тешка механизација кај Дошница, веќе се повлече од терен минатата недела, за што како портал известивме. Кога стасаа новите „орачи“ на Кожуф да го рушат тоа што веќе е изградено – патот до висините на планинската убавица над Гевгелија!?