На 29 и 30 август Гевгелија ќе биде домаќин на 17-то издание на фестивалот „БОШ“ – уметнички фестивал инициран и организиран во чест на прерано починатиот гевгелиски артист Бошко Бозаџиев (1981 – 2008). Беше дипломиран артист со блескав почеток на својата актерска кариера, поет и миленик на младата уметничка авангарда во Македонија, но прерано згасна во неговата 27 година од животот.
Организатор на БОШ Фестивалот е Здружението „Арт еквилибриум“ кое што секоја година собира плејада од уметници кои своите креации, авторски дела, инсталации, претстави ги презентираат пред гевгелиската публика.
Инспирацијата годинава за фестивалот е збогатена со самото тоа што „БОШ Фестивалот“ е составен дел од културната програма „Гевгелија град на културата за 2025“.
Настанот се организира два дена, и освен што ги користи невобичаените места за своите изложби и перформански (Стариот градски пазар, некогаш дворот на старото забавиште во Гевгелија, Старата градска чаршија, бреговите на Сифулајка…), туку и ги освојува и уметничките простори, ликовната галерија „Амам“, Народниот театар. Ќе има богата културно-уметничка програма составена од изложби, филмски проекции, видео-арт, визуелни инсталации, музички настапи и радио-програма, со цел да се прикаже современата уметничка сцена и нејзината разновидност.
Првиот фестивалски ден започнува со изложба во Уметничката галерија „Амам“, а отворањето е закажано за 20:00 часот. Програмските активности продолжуват во Народниот театар- Гевгелија со Изложба на фотографии.
Ќе бидат прикажани и три филмски проекции: „Лука“, „Blue Hour“ и „Само ѓаволот мрази вода“.
Со диџеј сет на Мартчин во кафе-бар „У“ (22:30 ч.) ќе заврши првиот фестивалски ден.
Вториот фестивалски ден (30 август 2025) ќе се одвива на просторот
на Стариот градски пазар, каде со почеток од 20:00 часот, следуваат низа активности. Премиерно ќе биде прикажан филмот „Мангава диско панк“, по него следи експерименталниот видео-албум „The Hip- Reality Overdrive“.
Ќе биде претставена и визуелната инсталација „Колатерална штета“ на графичкиот дизајнер Ице Капсаров, како простор каде убавината и насилството коегзистираат – не во рамнотежа, туку во напнатост.
Потресни слики што се разлеваат по ѕидовите, исчезнуваат во сенка и се кршат како сеќавања под притисок. Како и инсталацијата за колаж „Ненаситни“ – колажирање пропагандни плакати со Јана Деловска и Дамјан Илиќ, со цел активна дружба низ сечкање, реобмислување, ангажирање и активирање.
Музичкиот блок е составен од концерти на рок-триото „Харикири“ и „ПИЈАН СЛАВЕЈ“ – музичко-поетски формат на Бранислав Николов (вокал) од групата Фолтин, заедно со Пеце Трајковски- Брада (гитара, синт), Славчо Јовев (тапани), Андреа Мирческа (мини пијано, глас) и Гоце Јованоски (бас).

Во двата дена ќе следи целодневна викенд радио-репортажа од БОШ Фестивалот на радио „Канал 103“.
БОШ 17 – во чест на уметноста, во сеќавање на Бошко Бозаџиев!
Целата програма на 17-то издание на „БОШ Фестивалот“ погледнете ја овде: