Тој што брза низ патиштата не е правило дека прв ќе стаса дома, може побрзо да стаса и зад решетки. Случајот со македонскиот Шумахер е пример за тоа дека брзањето не секогаш те носи прв на посакуваното место.
На 22.08.2025 во 18:35 часот на автопат „Пријателство“, кај село Милетково, гевгелиско, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишиле од слобода Г.Ј.(36) од Штип. При сообраќајна контрола полициски службеници констатирале дека Г.Ј. управувал патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки со брзина од 252 километри на час на место каде што максималната дозволена брзина е 120 километри на час.
За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Според КЗ на сторителот му се запретува парична казна, или затвор до три години:
КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ БЕЗБЕДНОСТА НА ЈАВНИОТ СООБРАЌАЈ
Загрозување на безбедноста на сообраќајот
Член 297
(1) Учесник во сообраќај на јавните патишта кој не се придржува кон прописите и со тоа го загрози јавниот сообраќај така што ќе ги доведе во опасност животот или телото на луѓето, или имот од значителен обем, па поради тоа некое лице телесно ќе биде повредено или ќе настапи значителна имотна штета, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.