Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица.
Црквата „Св.Кирил и Методиј“ во Гевгелија во пресрет на Успение на Пресвета Богородица на 26 август август ќе одржи АКАТИСТ со петтолебие во чест на Успението на мајката Богородка.
Церемонијата започнува во 18:00 часот, а верниците, поклоници принесуваат пет лепчиња, неварена пченица, црно вино и зејтин кои се благословуваат за здравје и спасение.
Православните храмови на 15 август по стариот, на 28 август по новиот календар, го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста.
Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Небозрачната светлина со која сјае Нејзиниот лик го осветлува и овој празник, на кој човекот веднаш сфаќа дека смртта е всушност чин на животот. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас, ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост.
Овој празник го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, и нејзиното преселување во Царството Божјо во полнотата на нејзиното духовно и телесно постоење. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири. Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.

Апостолите ја погребале Богородица. Кога по три дена го отвориле гробот за да ѝ се поклони Св. апостол Тома, кој не бил присутен на нејзиното погребение, “ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше во гробот”. Таа, како и Христос, доживеала телесна смрт, но во третиот ден по погребувањето била воскресната од Синот и Својот Бог, и со телото земена на небото. Се вознела на небото. Таа им се јавила на апостолите жива, светла и опкружена со ангели им рекла: “Радувајте се, зашто сум со вас во сите денови“.
На оваа раскошна и умилителна богослужба е предвидено пеењето на трите статии пред раскошно украсен цветен епитаф, односно пред во него положената Плаштаница, на која е насликано Богородичното Успение.

На овој голем ден именден празнуваат: Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана…