Во недела попладне, 24 август детектиран е пожар во длабоките шумски предели на Кожуф планина.
Попладнето екипа на ТППЕ Гевгелија отиде на лице место кон пожарот и успеа само да го детектира подрачјето, а ноќта ги оневозможи пожарникарите за изведување конечна акција на гаснење на истиот.
Акцијата за гаснење продолжи вчера и денеска со присуство на екипа на ТППЕ Гевгелија, со воздушна поддршка од два ер-трактора на Дирекцијата за заштита и спасување и со екипа составена од вработени во ШС „Кожуф“ Гевгелија.
Сите се и денеска на терен, пожарот е под контрола и засега не се знае колкаво подрачје на шума „проголта“ огнот.
Пожарот е во шумскиот појас над с.Петрово, општина Гевгелија. Гори букова шума, а пожарот го потхранува и густо наталожениот шушљак, отпаднати лисја кои лесно се потпалуваат од искрите на опожарените дрвја.

За утре се очекува поголема воздушна поддршка заради ширењето на огнот и кон непристапни терени од планината.
Локацијата каде е лоциран пожарот е „Костов камен“ наречен според локалните жители, значи позната локација на посетители, па не е исклучена можноста пожарот да избил од човечка немарност.
Акцијата за гаснење продолжува.

Инаку, на 18 јули, минатата година беше изгаснат 7 дневниот пожар кој беснееше на Кожуф од потегот кај с.Негорци, кон с.Кованец, па пристигна и во атарот на с.Серменин. На помош за ликвидирање на огнот беше дождот кој заврна. Ова е само показател колку се сериозни, обемни и захтевни акциите за гаснење на шумските пожари.