Речено – сторено!
Двајцата доброволни херои на трудот од Дојран, Бранко Караколев и Самир Патрон успееја во својата мисија – сами го исчистија каналот од системот „За спас на Дојранското езеро“ со кое се полни езерото со вода од пумпните станици кај Ѓавото, општина Богданци.
Над три недели тие секојдневно на терен чистеа отпад, косеа израсната трева околу каналот, го чистеа каналот од тиња, камења, обрасната трева, фиданки новоникнати дрвја и сето тоа доброволно, бесплатно, без помош од заедницата.
Денеска на последните метри од вливот на каналот во езерото на помош им пристигна багерист со својата огромна машина да им помогне на Бранко и Самир да го доисчистат до крај целиот канал во должина од 500 метри.


Бранко и Самир се невработени и имаа намера услугата од багерот да ја платат со свои средства од донираните срества од граѓаните кои пристигнале на донаторска сметка отворена повторно од граѓанин кој ја забележал и вреднувал нивната несебична и неусловена со ништо акција за доброто на сите.
Сепак, на помош на овие херои на трудот се јавил Агим Мехмети од Стар Дојран кој одлучил да го покрие трошокот за работа на багеристот со тешката механизација.
Денеска конечно областа „Топлец“ околу каналот од системот заличи на средена, водата потече од системот, да му се радуваме и да го наградиме трудот на овие двајца доброволци кои ги вжештија социјалните мрежи од пофалба, поддршка, но никаков знак од институциите.
Се очекува општината Дојран утре да испрати трактор со приколка да го собере целиот исчистен растителен отпад.
На 18-от ден од акцијата на Бранко (27) и Самир(33 г.) вчера пумпите од ситемот кај Ѓавото беа пуштени, а водата дотече до каналот кај Топлец и до езерото. Затоа беше важно последните метри од каналот да бидат целосно исчистени, а инаку беа и најмногу обраснати со трева, нови самоникнати фиданки, земја, миљ и камења. Вака изгледаше работата на терен на овие доброволци за чистење на каналот кај Топлец.

Им честитаме за трудот и чекаме да пишуваме за нова убава вест – дека се наградени од општината, од Владата, од Министерството за екологија, или од претпријатието кое стопанисува со системот „За спас на Дојранското езеро“ за завршената работа, исчистениот простор и нова вода која ќе биде благодет после сушната година за Дојранското езеро.
Браво Бранко! Браво Самир!
Вода од пумпите во Ѓавото дотече во Дојран, а доброволци го уредуваат просторот кај Топлец
Самир и Бранко го одбележаа месец август со својата општествено одговорна а пред се’ доброволна работа. За тоа беа истакнати во нашиот избор на ДОСТИГНУВАЊА за месец август 2025, покрај спортските шампиони и вицешампиони и Хероите на трудот – доброволните чистачи на каналот кај Топлец во Дојран, другарите Самир и Бранко!