Уметничкиот порив на Тања Трајкова трае и творбено се истакнува веќе 15 години, а утре во галеријата „АМАМ“ во Гевгелија по четврти пат ќе се претстави пред својата гевгелиска публика.
Ќе бидат изложени 20 нејзини дела од циклусот „Имагинација“ со кои таа ќе ги открие своите истражувања на различни уметнички техники, барајќи инспирација во различни теми, вклучувајќи портрети, животни, светски мапи, па дури и апстрактни дела.
– „Создавањето на вакви уметнички дела, значи слобода во изразувањето користејќи секојдневни предмети како ликовни материјали на пример листови, цветови, шаблони, чешели и друго и токму тоа чувство на слобода е пренесено на делата. Преку живописните слики, претставени се природните убавини околу нас и ‘се живо што не опкружува. Секое животно кое што е претставено во делата со својот уникатен изглед е ремек – дело на еволуцијата. Секоја слика и стих се акт на имагинација – не само во создавањето на нешто визуелно и поетско, туку и во пренесувањето на пораки, емоции и симболика“ – вели за своите дела авторката Тања рајкова.
Таа низ делата вели дека гледа свет што не е ограничен со реалноста.
– „Низ своите уметнички дела се трудам да го проширам светот преку боја, збор и визија – што е суштината на имагинацијата. Преку оваа интуитивна експлорација, животинските мотиви се преклопуваат, апсорбирајќи ги текстурите и движењата на позадината за да создадат единствен универзум, спојувајќи ја фантазијата и реалноста“ – ја открива својата внатрешна имагинација авторката Тања која ја води во спој со боите, хартијата и создавање дело во кое ќе ужива уметничката публика.
Изложбата ќе биде отворена утре, среда 3 септември во уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија, со почеток во 20:00 часот.
Четвртата самостојна изложба на Тања Трајкова е дел од програмата „Гевгелија – Град на културата за 2025“, манифестација која изобилува со културни настани, во која свој потпис и белег ќе има и Трајкова.
Поканети се сите вљубеници на уметноста да присуствуваат на изложбата и да го воспримат новиот спој на еволуцијата на боите и платното.