Младиот доброволец Бранко Караколев од Нов Дојран и денеска, на викенд ден, утрото го започна со нова еколошка акција кај месноста Топлец.
Овде, во парк просторот покрај каналот го исчисти урбаниот отпад од немарни посетители кои при престојот и поминувањето низ паркот фрлиле пластични шишиња, стаклени шишиња, салфетки, книги од завиткани сендвичи, марамчиња, остатоци од пакување за цигари, отпушоци и друг отпад од луѓето. Отпадот Бранко го собра во пластични ќеси и го исфрли во контејнери за таа намена.
Познато е дека Бранко Караколев (27 год.) заедно со другарот Самир Патрон (33 год.) во текот на 24 дена во август го исчистија коритото на каналот кој се влева во Дојранското езеро, а носи вода од пумпите од Хидросистемот Ѓавото. На 25-от ден го исфрлија со тракторски приколки отпадот од искосената трева, растителен отпад од исчистениот канал, гранки и стебла од самоникнати дрвја.
Денеска, сабота, за време на викендот Бранко не мирува, пак се зафати со работа да го исчисти и урбаниот отпад од несовесните посетители на месноста Топлец. Ова е 26-от ден од неговиот ангажман кај Топлец.
Така личи трудот – чист канал, чист и искосен парк, уште да заврне дожд па да зазеленее се’ и да се врати природното зеленило на паркот кај Топлец.
Оваа акција е за поздравување уште еднаш за доброволецот кој со љубов не штедејќи го својот труд работи за Дојран, неговата убавина, за полнење на езерото со нова вода од ХС кај Ѓавото, за иднината и животот на Дојранското езеро.
Оваа несебична иницијатива и остварување на самиот Бранко и другар му Самир заслужија огромна благодарност но и награда за несебичниот труд, кој го реализираа без да условуваат никого за ништо.
Народот вели: „Џабе работи, џабе не седи“. Ете Бранко и Самир се сетија дека е повредно да работат за убавиите на Дојран, отколку да седат и безделничат како невработени мади лица.
Навистина, кога нашата редакција го посети местото и каналот кај Топлец, таму веќе имаше автомобили со SK регистрација кои дошле да се уверат за големата акција на Бранко и Самир кои сами го исчистија каналот кај Топлец во должина од 500 метри, и околниот парк го искосија од сувата самоникната трева на површина од близу 3000 м2.
Значи имал право Бранко што побрзал утринава да го собере и урбаниот отпад, да заличи Топлец и каналот „За спас на Дојранското езеро“ како што е треба, како што личи, домаќински.
Браво Бранко, браво Самир за целиот Ваш труд!