Јован Мандалов има само 7 години, а зад себе има остварено две годишен планинарски „стаж“ со членовите на планинарскиот клуб „Кожуф“ од Гевгелија.
Последното негово остварување е искачувањето на Кораб и највисокиот врв во Македонија Голем Кораб висок 2.764 метри надморска височина.
Ова остварување Јован го реализираше со членовите на ЗПСК „Кожуф“ од Гевгелија, во придружба на својот татко кој е професор по спорт и здравје.
Традиционалното меѓународно искачување на Голем Кораб се одржува во почетокот на септември секоја година по повод 8 септември денот на независноста на Македонија.
Поради природната убавина оваа планина е признаена за дел од националниот парк „Маврово“, во 1952 година.
Искачувањето на Кораб беше во организација на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, „I love hiking – group Macedonia“ и Планинарскиот клуб „Кораб“, со помош од ПК „Љуботен” од Тетово и ПСД „Шарри“.

Јован, освен што беше најмал планинар од тимот на ЗПСК „Кожуф“ кој го искачи Кораб, туку беше и најмалиот планинар учесник на 35-то меѓународно искачување на Голем Кораб. За ова тој беше награден од организаторите на настанот со Благодарница, со која Јован гордо позира.
Радоста е голема во овие детски очи – искачил уште една планина, искачил уште еден врв, после врвовите на Кожуф во Гевгелија, спремен е за нови предизвици и во спортот и во животот со желба да ги научи тајните на природата, на своите можности и на животот воопшто.
Само напред и нагоре во животот Јоване!
