Вчера на просторот од паркиралиштето кај Градскиот пазар во Гевгелија се осветли и затрешти сцената на традиционалната тридневна манифестација „Вкуси го југот“ (Taste the south) која годинава е дел од културната манифестација „Гевгелија град на културата за 2025“.
„Вкуси го југот“ (Taste the south) е традиционална културно-забавна манифестација за промоција на Гевгелија, која не е само обичен тридневен музички хепенинг, туку преставува своевидна фузија на традицијата, културата и забавата.
Освен музиката, локалните уметници, на просторот се распоредени и штандови од локални производители на домашни преработки од овошје и зеленчук, производители на мед, вино, вкусната гевгелиска скара, домашни и рачни изработки, и друго.
Сценскиот настап започна со изведба на орото „Водарки“ од КУД „Танец“ Миравци.
Настапија Емилија Николова (виолина) и Димитар Ангов (клавијатури), Гевгелиски мелос, „Љубојна“, групата „Панта Реи“ од Гевгелија и Дани.
На просторот зачуреа и ќумбињата со подготовка на македонскиот бренд ајварот, по гевгелиски пунџур.
Манифестацијата „Вкуси го југот“ продолжува и вечерва 13 и утре 14 септември, а на програмата се нови изведби на домашни уметници, подготовка на вкусното гевгелиско слатко од зрели смокви, подготовка на мастика. Финалниот настап на фестивалот ќе го има групата „Меморија“.

Домаќините ги дочекаа гостите на манифестацијата со вкусно слатко од смокви, а по традиција овој домаќински деликатес на југот се послужува од девојка. Забавата не може и без хумор и дежурниот смиленик на домашната сцена, Дејан Малзарков.
Фото прилог:
