На свои 16 години средношколецот Лука Чучанов од Гевгелија потпиша договор со КК „Естра Пистоиа“ од Италија со што официјално ја започнува својата интернационална спортска кариера со кошарката.
Лука е кадетски репрезентативец на Македонија, на 16-години Чучанов со Македонија настапи и на Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) во Куманово, каде имаше забележителен настап и постигнувања.
Талентираниот кошаркар од Кожуф и раководството на италијанскиот клуб се договорија на тригодишна соработка, па Чучанов таму ќе продолжи и со образованието.
– „Во првата сезона на интернационално ниво очекувам добри резултати, како од мене, така и од тимот. Пред да потпишам за Пистоиа, имав и други странски понуди, но ја одбрав оваа, бидејќи клубот ми ги обезбеди сите услови за тренирање и играње, а истовремено ми овозможи да учам средно образование, плус дополнително изучување на италијански јазик,“ изјави Чучанов.
Клубот на Чучанов во новата натпреварувачка сезона ќе игра во второто по ранг квалитетно натпреварување во Италија (Серија A2), откако минатата сезона не успеа да обезбеди опстанок меѓу најдобрите.
Чучанов ќе игра за младинските категории на клубот, но ќе тренира и со првиот тим, што му овозможува постепено да се адаптира и да се подготви за настапи на повисоко ниво.
Гевгеличанецот на Европското кадетско првенство Б-дивизија, кое се одржа ова лето во Скопје, беше во конкуренција за МВП. Чучанов на првенството заврши во ТОП 3 скокачи и постигна 64 поени на седум одиграни натпревари, што е просек од 9.1 поен по натпревар.
Ете, резултатите на терен се гледат и вреднуваат, а ловци на таленти праќаат и понуди за интернационална кариера, што на Лука му го отвра патот за спортски растеж и непречено образование и оформување во зрела личност како младински спортски првенец од Гевгелија, во Европски клуб.
Со својот средношколски тим како ученик во СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија Лука годинава ги освои сите државни трофеи во организација на Федерацијата на училишни спортови:
– Натпревари во Кошарка на Државно првенство – ВТОРО место 🥈
– Натпревар во Баскет 3х3 Државно – ВТОРО место 🥈
– Натпревар во организација на МАССУМ Баскет Државно ниво – ПРВО Место 🥇
Лука до сега играше за гевгелискиот КК „Кожув“.

Честитки Лука! Играј и освојувај натпревари, трофеи, првенства! Напредувај!