Обединетото Кралство, Австралија и Канада денеска објавија дека формално ја признаваат Палестина како суверена држава, пренесува Би-би-си.
Британскиот премиер Кир Стармер ја објави одлуката преку видео-порака, посочувајќи дека таа има за цел да ја оживее надежта за мир за Палестинците и Израелците.
- „Соочени со растечкиот терор на Блискиот Исток, дејствуваме за да ја одржиме жива можноста за мир и решение со две држави. Тоа значи безбеден и сигурен Израел покрај одржлива палестинска држава, а во моментов го немаме ниту едното, ниту другото“, кажа Стармер.
Според него, Хамас нема да има никаква улога во управувањето со палестинскиот народ во иднина и мора да ги ослободи израелските заложници што сè уште ги држи од нападот на 7 октомври 2023 година, со кој започна војната во Појасот Газа.
Today, to revive the hope of peace for the Palestinians and Israelis, and a two state solution, the United Kingdom formally recognises the State of Palestine. pic.twitter.com/yrg6Lywc1s
— Keir Starmer (@Keir_Starmer) September 21, 2025
Оваа одлука, тој на најави уште во јули оваа година, посочувајќи дека тоа ќе се случи доколку Израел не се согласи на прекин на огнот во Појасот Газа, не им дозволи на Обединетите нации (ОН) да достават помош и не преземе други чекори кон долгорочен мир.
Речиси истовремето, палестинската држава ја признаа и Канада и Австралија.
Канадскиот премиер Марк Карни рече дека Канада официјално ја признава државата Палестина и оти тоа го прави со меѓународни партнери, со цел да ја зачува перспективата за решение со две држави.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе соопшти дека Канбера им се придружува на Лондон и Отава во донесувањето на оваа историска одлука.
My statement formally recognising the State of Palestine. pic.twitter.com/LnmrX29TCV
— Anthony Albanese (@AlboMP) September 21, 2025
Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, смета дека признавањето на независноста на Палестина од страна на запедните земји е чекор кон праведен и траен мир, соопшти неговиот кабинет.
Повеќе од 140 земји веќе презедоа чекори за признавање на палестинска држава, а одлуките на Франција и Велика Британија се особено важни, бидејќи земјите се членки на Групата седум (Г7) и Советот за безбедност на ОН.