Неделава ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија го одбележа својот Патронат посветен на именосецот на образовната институција, но и одбележувањето на 66 години од основањето на ова училиште во Гевгелија, во далечната 1958 година.
За растежот на образовната, педагошка и воспитна дејност која се обавува близу седум децении во ова училиште во нашата општина, на свечената академија организирана по тој повод зборуваше директорот на училиштето Ѓорги Стамков. Тој најпрво пред присутните го честиташе Патрониот празник на Училиштето.
– „Во заедништвото е силата, а во знаењето е моќта, тоа се основните конци кои нѐ испреплетуваат нас, жителите на Гевгелија и прават да ја живееме заедничката судбина на раѓањето, растот и развојот. Најзначајните придобивки од учебната година, која веќе поминува низ призмата на образовниот процес, е уште еден показател на нашиот развој. Иако сме исправени пред реални проблеми, нашето училиште, нашите наставници, нашите ученици, ги покажаа одличните резултати на своето работење“ итакна Стамков.
На сцената на Народниот театар во Гевгелија настапија повеќе изведувачи, ученици, членови на училишните секции, хорот, самостојно подготвени танцови точки од нивните ментори-наставници, драматизации, поетски и музички точки. На радост на децата и публиката не ги штедеше аплаузите.
Инспирација беа и народните приказни, и хит песните од холивудските евергрин филмови, но и фолклорните традиции, и богатството на песните и мелосот од нашиот крај.
Видеото подолу е од сценската изведба на македонската народна приказна „Жената што го пукна ѓаолот“:
Но, се играше и евергрин песната од филмот „Брилјантин“:
Целата свечена академија и културна прогрма беше заедничко дело на учениците под менторство на нивните наставници: Крсте Издушнов, Магдалена Накова, Ивана Дојранлиева, Магдалена Каркалашева, Меги Олумчева, Зорица Златановска, Никола Проданов, Милена Стамкова и Марија Граматикова.
На настанот беа доделени и Пофалници за членовите на фудбалскиот училишен тим и екипата во кошарка кои освоија трето, односно второ место на Државен натпревар помеѓу ученици од основните училишта во Македонија.
Значи, младоста, знаењето, талентите, вештините, спортската подготовка и успесите беа сите заедно на сцената во Народниот театар во Гевгелија по повод прославата на 66 години образовна дејност на ООУ „Крсте Мисирков“ и Патрониот празник на училиштето.
Честитки до славениците!