Пред почетокот на туристичката сезона општината Дојран секогаш излегува со анализа за квалитетот на езерските води наменети за рекреација и разладување во водите на Дојранското езеро.
Микробиолошка и физичко-хемиска анализа ја изведува лиценцираната институција кај нас – Центарот за јавно здравје на РМ,о Велес.
Последните испитувања на водата од Дојранското Езеро од страна на Центарот за јавно здравје, Велес, покажаа дека истата е во ОДЛИЧНА СОСТОЈБА и е БЕЗБЕДНА за капење и рекреација на луѓето!
Според неодамнешните извештаи од тестирањата на здравствената безбедност на водата од Дојранското Езеро, примероци земени од Градската плажа, плажата кај хотелот “Полин” и плажата “Гранико” од страна на Центарот за јавно здравје, институција со докажан квалитет која успешно работи години наназад, докажано дека водата кај трите споменати плажи е во одлична состојба и не постои пречка луѓето слободно да се капат и да уживаат во рекреативни активности во водата.
Примероците на водата се земени на 6 јуни, а анализата е завршена на 13 јуни, што соодвествува со сегашната состојба на езерските води. Температурата на водата е 24 степени, пријатна и за мали деца.
Резултатите од испитувањата на езерската вода се идентични со минатата година, односно, истите ја истакнуваат нејзината непроменета одлична состојба и покажуваат параметри кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето.
Во текот на летниот период од страна на Центарот за јавно здравје, Велес, неколку пати се земаат примероци од езерската вода за нејзино тестирање, што значи „зелено светло“ за капачите да се упатат на рекреација на Дојранското езеро, и овој викенд, и преку летото.