Стоковна куќа “Скопје” како работна единица на трговската РО “Меркур-импорт” формирана 1968 година во Гевгелија беше најголемиот трговски објект во општината во XX век.
Со изобилство на понуда, артикли, златен накит, парфимерија, штофови и готова конфекција, храна и покуќнина беше решение за секое ново домаќинство. Колку матуранти купиле прв костум во животот од стоковната куќа во Гевгелија, колку љубови прераснале во среќен брак со златните бурми од овој трговски објект, колку домаќинства се подновиле со нов тепих или теписон…
Стоковната во Гевгелија во годината на отварањрто вработуваше 25 работника, а после 18 години овде работеа 76 лица. Првата година од работата оствари годишен промет од над 5 милиони денари, а во 1986 година годишниот промет порасна за девет пати и изнесуваше 440 милиони денари промет.
Со годините на трансформација на општествениот капитал во приватен и пазарната економија, никој ја немаше силата сам да стопанисува со овој простор. Најпрво се приватизираше делот наменет за продажба на млечни и сувомеснати производи и се пренамени во кафиќ „Корзо“, првиот спрат од стоковната некое време беше маркет „Тедико“. Сега на 1000-та метри квадратни деловен простор од некогашната „Стоковна куќа“ во Гевгелија, деловно егзистираат четири различни компании од трговијата и угостителството.
Сеќавања на едно време на напредок, кога сите имаа и се подновуваа…