Во ерата на потрошувачката еуфорија, пазарната пропаганда, експлозијата од понуди и реклами за нови производи на пазарот, жителите на гевгелиското поткожуфско село Ново Конско не можат да се пофалат дека се дел од светот и новото време.
Старата селска продавница е повеќе од две години затворена. За тоа сведочат рекламите за понуди на сладолед истакнати на прозорот од продавницата, дека овде доаѓале деца, со 10 денарка во џеб да се разладат и насладат на сладоледот од најблиската селска продавница.
За нефункционалноста на продавницата зборува и катанецот на вратата, несредениот пристап, царството на пајажини, влез обраснат со треви и секако изјавите на тамошните жители.
Жителите на Ново Конско за секоја своја најобична потреба треба да одат до градот Гевгелија за да ги купат потребните намирници за живот. Шеќер ќе купат можеби еднаш во месецот, макарони еднаш во неделата, пијалоци се пијат секој ден…. а леб, како се снаоѓаат за леб..
Е, ова е тоа што подолго време ги нервира жителите на Ново Конско. Тие повеќе од две години купуваат леб од доставувач што доаѓа од понеделник до петок, а за сабота и недела да се снаоѓаат. И лете, и зиме, и на дожд, и на снег, и кога ветрот беснее под Кожуф тие наутро во осум часот го чекаат комбето со леб. Некогаш е на време, а некогаш знае и да доцни.
Некои од жителите на Ново Конско се стари и немаат кого да пратат да чека за леб, некои се родилки и не можат да ги напуштат децата за да чекаат леб, а домашните кои одат на работа во градот најповеќе користат фабрички превоз кој не застанува во маркет за работниците да се вратат дома со купен леб и намирници.
Продавницата се наоѓа на влезот од селото каде има поставен нов детски парк. До неа е Културниот дом кој исто така е нефункционален и заклучен, без никави активности во него. Активна е само автобуската постојка каде се паркира и комбето за леб.
Објектот на продавницата припаѓа на локалната самоуправа и таа треба да огласи нејзино издавање под закуп за да може истиот да се стави во функција.
Изборите завршија, веќе нема правна пречка за огласување, па жителите на Ново Конско се надеваат на брзо решение.
Според последниот попис од 2021 година во с.Ново Конско живеат 168 граѓани. После војната во 1953 година ова село броело и 296 жители, а во 1981 има 219 жители, па со развојот на индустријализацијата голем дел од младото население професионално и работно се ефектуира во градот Гевгелија каде основаат дом и семејство и во други места од државата и странство.
Во периодот кога почнавме да слушаме за депопулација, иселување на младите, прекуокеанска миграција, треба да ги слушаме потребите на граѓаните дома, за да не станат граѓани во некој туѓ свет.