СВР Велес поднесе кривична пријава против И.Џ.(37) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.
Гевгеличанецот на наплатна станица „Отовица“ (во правец од Скопје кон Велес), бил запрен од полициски службеници кои извршиле преглед на патничко возило, кое го управувал пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана и амфетамин.
Кривичната пријава денеска е предадена до Јавното обвинителство.
Според Кривичниот закон на РСМ член 215 ова кривично дело е пропишано да се санкционира на следниот начин:
„(1) Тој што неовластено организира, произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од три до десет години.
(2) Ако делото од ставот (1) на овој член е сторено со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од помало количество, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеца до три години“ – се вели во КЗ.