Загрижен жител на с.Фурка ни испрати фотографии од моменталната состојба со пожарот кој и вечерва продолжува да беснее во близина на нивното село.
Во темнината на ноќта пламените јазици и огнениот ореол над селото се заканувачка слика која ги вознемири тамошните жители. Се молат: „Само да не дојде до куќите па да треба со кофи, со лопати, со црева да прскаат вода за да ги спасат куќите. Ќе можат ли сами да ги заштитат куќите и селото!?“
Пожарот и покрај интервенциите на шест ер-тратори во текот на попладнево денеска, и понатаму остана активен.
Во текот на денот силите на ТППЕ Гевгелија, ТППЕ Струмица, ТППЕ Валандово, ДППД Дојран, на ШС „Кожуф“ Гевгелија, на ДЗС; припадници на АРМ и доброволци од селото успеаја да го стават под контрола, околу 17 часот, но ветерот кој и понатаму е присутен на терен ги разгорува пламените јазици.
Со сесрдни сили вопоследен момент беше успеано да се заштити од опожарување Караулата на АРМ која е лоцирана на ова подрачје во атарот на Фурка. Армиските сили и после тоа продолжија активно да учествуваат во акциите за гаснење на пожарот.
Вечерва пожарот стаса на сртот од висините на овој дел од територијата на општина Богданци и претставува ноќна мора за тамошните жители. Огнот се движи кон југоисток во правец кон селото.
Немоќни да сторат нешто ноќва тие дежурат со распоредените сили на ШС со немото прашање кое им поминува низ глава: „Ќе можат ли сами да го спасат селото!?“
Поглед од влезот на Фурка кон ридот кој е во пламен.