Прекрасното здание на манастирот „Свети Илија“ во село Давидово, гевгелиско во чест на својот патрон Светецот и пророк Илија, на денот Илинден беше посетен од бројни граѓани, мештани, гости од околните населени места.
Поводот беше да се прослави црковниот празник Свети Илија и македонскиот државен празник Илинден, по повод 121 годишнината од почетокот на Илинденското востание и 80 годишнината од заседанието на АСНОМ на кое е устоличена државноста на Македонија.
Главниот патрон се прославува на 2 август – Илинден. Манастирот е особено посетен за време на верскиот празник Илинден, кога има многубројни посетители од Гевгелија и Валандово, а се верува дека овој манастир има исцелителска моќ за многу болести.
Големиот ден носи многу гости во манастирот, па добродушните давидовчани со време ги започнаа подготовките. Најпрво средување на пристапниот пат до манастирот, чистење на манастирот и тамошната црква, подготовка на кујната, подготовка, чистење, сецкање, миење на намирниците за спремање на заедничкото празнично јадење.
Света Божествена Литургија и осветување на празничното јадење изврши отецот Лазар од Миравчката парохија која припаѓа на Гевгелиското Архиерејско намесништво, Повардарска Епархија. Манастирот е дел од големата плеада духовни храмови на Македонската православна црква.
Асталите за гостите поставени на големиот двор во манастирот, нудат несекојдневно уживање во вечерата под ѕвезденото небо во природното опкружување на ридестиот зелен крајолик околу Давидово.
Бројни гости беа послужени со заедничко сенародно јадење за здравје, за благослов, за милоста на Св.Илија да ги следи во животот. Некои и преноќуваа во манастирските конаци. За нив вредните домаќини од с.Давидово подготвија утринско гравче за да го дочекат следното утро после Илинден наспани, благословени.
На оваа организираност, набавка на намирници од донатори, доброволното чистење, подготовката на јадењата, служењето на гостите, жителите на Давидово можат да добија само пофалби за сложната организација и функционирање и секако благодарност од задоволните гости.
Наместо тоа, се изненадија на објавен став на бизнисменот Трифун Костовски на социјалните мрежи дека се сеќава како преноќувал во овој манастирски комплекс, кој за жал денеска е запустен.
Жителите на Давидово со работата посветена за подготовка на Илинденските празнувања, со насмевките на фотографиите, со демант на својата фејсбук страна ги негираат таквите тврдења.
Давидовскиот манастирот „Св.Илија“ е духовна градба која опстојува веќе 87 години, и на забот на времето, и на забот на модерните животни навики, а жителите на Давидово го чуваат духот на традицијата и не жалат за своето потрошено време за подготовките во чест на одбележувањата и празнични чествувања на заштитникот на селото Давидово.
Да ви е за многу години празникот домаќини, да Ви е благословен трудот и аманетот кон следните генерации за чествување на Илинденските победи и Вашиот заштитник, Светецот и пророк Илија, именосецот на вашиот манастир во Давидово!