Ја знаеме како девојката што им го украде шоуто на „ДНК“ на првиот фестивал „Вкуси го југот“ минатата година во Гевгелија.
Ја знаеме како ученичка која ги полни со песна и забава училишните претстави.
Ја знаеме како девојка која успеа да ја загрее публиката и вжешти атмосферата со својот настап на „Коледарскиот Хепенинг“ 2024 година.
Ја знаеме по песната. А пред една недела стана добитничка на ЗЛАТЕН медал на 21-от Интернационален фолкорен, танцов и музички фестивал „Римини-Фест“ кој се одржа во истоимениот град во Италија.
Која е Слободанка Арнаудова – девојката која плени со песна и својата сценска харизма?
С.А.: Јас сум Слободанка Арнаудова, доаѓам од едно топло и мало селце Стојаково, место каде што започна моето детство, полно со спомени на кои вечно ќе се навраќам. Мојата дарба за пеење беше откриена од мали нозе од страна на моите родители на кои вечно ќе им бидам благодарна и знам дека секогаш ќе се покрај мене и ќе останат горди родители на мене.
GevgelijaNET: За да имаш ваков успех не е случајност. Сигурно се работи за музички талент кој си го открила и негувала?
Слободанка: На полето музика, како што напомнав, се посветив уште од мала и од секогаш посакував еден ден да се најдам на сцена и да ги испеам убавите песни од Beyonce, но се надополнував и со нашите, односно Македонските песни со кои одевме на натпревари од хорот во основното и средното училиште. Имам многу голема желба да пеам и на сите други јазици: Српско, Бугарско, Грчко, Француско, Шпанско, Италијанско. Песната ја чуствувам, иако некогаш неможам да разберам за што навистина се работи особено кога е на јазик што јас не го знам едноставно ја исполнувам песната со сето мое срце, давам многу бројни емоции и епитети, со цел да оставам посебен белег.
Ова е изведба на Слободанка како ученичка, за која што песна „За сите нас“ има и студиска снимка.
GevgelijaNET: Освен талентот и определеноста животот да го исполниш со песна, каква е Слободанка во приватниот живот? Пријателите те викаат Данче, што значи блискост, ведба, другарство, отворена си, социјално интерактивна, слободна модерна млада девојка.
Слободанка: Минатата година завршив средно стручно образувание, моментално работам и се трудам за мојата иднина а тоа е “Кариерата”🎤🎵 бидејќи музиката игра главна улога во мојот живот. Понекогаш ние тинејџерите ја губиме самодовербата во себе, особено на некои натпревари, ете признавам таква сум и јас. Но сепак, останувам на таа изрека дека „Надежта последна умира”. Пресреќна сум што ја имам златната публика кои стои позади мене, моите пријатели кои се секогаш покрај мене и секогаш ме исполнуваат со позитивна енергија, ме прават горда сама на себе си. И ете повторно успеав да ја направам горда нашата мила Македонија, а моето срце е полно со љубов и би сакала оваа мое патешествие се’ повеќе и повеќе да се надополнува со многу нови настапи, достигнувања, успеси и награди заедно со мојата менторка Маја Зафирова кое што воедно ни’ е на цела група како втора мајка!
GevgelijaNET: Доста искрено од твоја страна дека тинејџерите знаат да ја губат самодовербата, иако нашиот впечаток од твоите настапи кои сме ги следеле е дека Ти согоруваш со сета жар на сцената, настапуваш самоуверено и го апсорбираш сето внимание на публиката. Тоа укажува дека умееш да владееш со сцената.
Слободанка: Ви благодарам на оценката. Веројатно е така. Последната победа во интернационална конкуренција на „Римини-Фест“ во Италија е доволна потврда за тоа.
GevgelijaNet: Сега, Прваќињата Данче со освоена ЗЛАТНА статуетка и ЗЛАТЕН медал за освоено ПРВО место во соло пеење на „Римини-Фест“ во Италија, има ли што да им порача на младите. Како тие да станат успешни!?
Слободанка: Верувајте во себе и имајте самодоверба, а другото, како така само ќе си дојде на свое место. Ве сакааам!
Поздравот од Данче го дополнуваме со видео од нејзината изведба на песната на Бијонсе „Listen“ со која се закити со медал во Италија.
Следете го Вашиот сон млади, Ви порачува Данче и верувајте во себе.
Таа веруваше и минатата година се качи на сцената и го украде шоуто на ДНК.
Гевгеличанката Данче им го „украде“ шоуто на ДНК во Гевгелија
Вака пееше на Коледарскиот Хепенинг 2024 во Гевгелија.
Незапирливото грло на Данче – нека пее уште, нека го исполнува животот со убавини!