Фронтменот на „Рибља чорба“ Бора Ѓорѓевиќ почина во болница во Љубљана како последица на тешко воспаление на белите дробови. Неколку дена бил на респиратор, а со години страдал од тешка болест.
Да потсетиме, Бора Ѓорѓевиќ е роден во 1952 година во Чачак. Основното училиште завршил во родниот град, а по проблеми со законот бил исфрлен од средното училиште.Неговите родители тогаш, за да се спасат од „срамот“ што им го предизвикал, решиле да се преселат во Белград, каде ја завршил петтата белградска гимназија. Запишал право, потоа и глума на која не бил примен, па организација на ФДУ, но по првите музички успеси комплетно ќе и го посвети и животот и кариерата на музиката.
Бендот „Рибља чорба“ е основан во 1978 година и важи за еден од најзначајните рок бендови од овие простори, а Бора стана еден од најконтроверзните музичари во Југославија поради неговите провокативни и социјално ориентирани текстови. За кратко време групата се стекна со голема популарност која трае до ден денес. По објавувањето на албумот „Коза ностра“ во 1990 година, Бора беше обвинет за „навреда на работничката класа на Југославија“, но обвиненијата беа отфрлени.
Една од првите песни што доби голема популарност е „Рокенрол за кучни савет“ од 1979 година, а на деби албумот „Кост у грлу“ се најде и хитот „Остани џубре до краја“.
За својот град зборуваше со шеговит тон за приказните дека заслужил една од улиците во неговиот роден град да го носи неговото име:
– „Обично тоа признание го даваат постхумно, а постхумно не ми значи многу, бидејќи нема да знам. Би сакал да доживеам такво нешто во Чачак. Додуша и јас имам нешто слично во белградската зоолошка градина, таму има патека наречена сокакот на Бора“, рекол тогаш рокерот.
Претседателот на Србија се прости од музичката рокенрол ѕвезда, а градоначалникот на неговиот роден град Чачак изјави дека ќе му биде исполнета последната желба на Бора, за почива во Чачак и да има улица со неговото име.
– „Не напушти легендата на рокенрол сцената на нашата Србија и целиот регион, маестралниот и ненадминат музичар, текстописец и фронтмен на најголемиот рок бенд ‘Рибља Чорба’. На 72-годишна возраст почина Бора Ѓорѓевиќ, икона на Чачак и човек кој за четири и пол децении музичко творештво остави неизбришлива трага во срцата на сите генерации. Откако одамна стана бесмртен за своите чачанци, тој се вброи во редот на најголемите легенди што ги родил овој град. Драг Боро, драг пријателе, ти благодарам за секоја строфа и секој такт со кој пораснав. Ти благодарам за секој совет и добар збор, а најголема благодарност што ме сметаше за пријател. Ви ветувам во мое име и во името на сите чачанци, а тоа веќе го знаевте, дека никогаш нема да бидеш заборавен“ – рече Милун Тодоровиќ.
Тој додаде дека Чачак наскоро ќе има улица што ќе го носи името на Бора Ѓорѓевиќ, како што рече, „улица по која ќе чекорат некои нови, идни генерации, учејќи стихови и тонови кои никогаш нема да исчезнат од нивните сеќавања“.
„Ќе ти се исполни последната желба да бидеш погребан во родниот град и како што и самиот кажа, ќе се вратиш на падините на Јелица за да останеш засекогаш во Чачак“ – рече Тодоровиќ.
Последен поздрав за Бора!