Утре 4 февруари, се одбележуваат 151 година од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев. Бранувањта за неговите вредности и приграбувањата од бугарска страна деновиве предизвикаа многу реакции од јавноста. Го споделуваме мислењето на Бошко Нацевски, новинар и публицист.
„Некои бугарски џамбази, националистички и антимакедонски ориентирани јастреби, се настрвиле коските на Гоце да сме им ги врателе. Лудоста и глупоста немаат плафон. Сепак да им предочиме дека во Македонија им многу коски по гробовите на чиј помор таквите како нив се креаторите. Тоа всушност е напишано како неменлив факт на постаментите од спомениците. И да им речеме дека не се луѓе кои ја имаат должната почит ни кон живите, ниту кон мртвите.
Тој сој типови, како што е познато, од Мавзолејот во Софија мумифоцираното тело на Георги Димитров го исфрлија. А беше херој од судскиот процес како обвинет за палењето на германскиот Рајхстаг во Берлин. Беше борец против светскиот и бугарскиот фашизам. Прв повоен претседател, чиј авторитет придонесе поразената Бугарија да биде ослободена од плаќање репарации за сторените воени злодела. Димитров е еден од клучните фигури за основоположување на Културната автономија на Пиринска Македонија, и признавање на националните права на милионот Македонци во Бугарија. На крајот, телото на херојот Георги Димотров, кој патем да споменеме беше Македонец по род, беше хулигански исфрлено од Мавзолејот.
Ние може да простуваме, но не смееме да забораваме. Во нас од памтивек е вградено чувството за почит кон националните вредности. Еден од тие наши фундаментални стожерници, несомнено е Гоце, кукушката легенда, семакедонската револуционерна икона.
Го воспеваме и пред неговото величие се поклонуваме. Гоце е вграден во рбетникот на нашето национално постоење. Вплотен во нашата идентитетска, историска, културна и фолклорна посебност.“
Автор на текстот: Бошко Нацевски – новинар и публицист