Со засадување на цвеќе во жардинерите долж шеталиштето „Маршал Тито“ и покрај споменикот на паднатите борци во НОБ од Гевгелија и гевгелиско, од страна на лица со попреченост денеска беше одбележан денот кој меѓународната заедница им го посвети на нив, 3 декември.
Денеска е Меѓународен ден на лицата со попреченост востановен уште во 1992 година. Изминатите 32 години меѓународната заедница дава до знаење за потребите на овие лица особено во делот на нивните права, потреби од поддршка и помош од заедницата и инклузивност во општеството.
На чинот на одбележувањето на Денот на лицата со попреченост се вклучија вработените и штитениците од Дневниот Центар во Гевгелија, Центарот „Мајка Тереза“ од Гевгелија со својот тим и нивните штитеници, фондацијата „Ице Бегов“, личните асистенти и лица со попреченост од училиштата „Крсте Мисирков“ и „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија и ЗГ „Поддршка“.
Садењето цвеќе беше начин и овие лица да покажат грижа за природата и урбаната средина, но и видливост на својата состојба и потреба од инклузија во општествената заедница.
Садниците цвеќе ги обезбеди ЈПКД „Комуналец“ од Гевгелија.