Долг во вредност од 46.941.666 денари што го имаат 1078 фирми спрема општина Гевгелија е отпишан од приходната страна на Општинскиот буџет.
Такаа гласаа мнозинството советници од Советот на општина Гевгелија кои во петокот на 53-та одржана редовна седница со 10 гласа „ЗА“ ја одобрија Одлуката за траен отпис на даночната обврска – комунална такса за истакната фирма во општина Гевгелија.
Останатите членови на Советот се гласаа против, а некои и воздржано.
- „Отписот на побарувањата по основ на комунална такса за истакната фирма се врши заради бришење на правните субјекти од евиденцијата на Централниот регистар на РСМ, како и застареност на побарувањата и кон истите не може да се поваде правна постапка за наплата на долгот“, се вели во Одлуката што ја донесе Советот.
Фирмите должници, дури 1.078 на број , наведени во Листа изготвена од Одделението за локални такси и даноци на Општина Гевгелија, со донесувањето на одлуката се бришат од регистарот/евиденцијата на даночни обврзници во Општина Гевгелија.
Обврниците должат данок за истакната фирма од 2.670 денари како „Алесте“ ДООЕЛ во ликвидација, до 48.000 ден. „Реплика“ ДООЕЛ Гевгелија, 59.500 денари, „Сити фреш маркет“ ДООЕЛ Гевгелија, 94.000 денари должи „Јунајтед груп Славе и Владимир“ ДОО Гевгелија, Телевизија „МИГ21“ Крсте ДООЕЛ Гевгелија должи 104.000 денари, „Мега пром“ Костадин ДООЕЛ должи 112.000 денари, „Амбалажа БН“ Атанас и Благој ДОО Негорци должи 108.000 денари, „Електро логос“ ДООЕЛ Гевгелија должел 109.060 денари, „Калеви“ ДООЕЛ с.Миравци должел 103.000 денари, „Технотрак траде“ Гевгелија должел 114.000 денари, и други.
Долговите се во зависност колку години фирмите биле должни за неплатена фирмарина. а никој не им ја побарал годиниве наназад да ја наплатат по судски пат, па фирмите отишле во стечај, ликвидација, или го префрлиле имотот на друг правен субјект каде продолжиле со дејност, а направените долгови ги оставиле неплатени.
Отпишаниот износ од 46 милиони денари претставува 6% од донесениот буџет на општината за 2025 година кој Советот го изгласа на истата седница и изнесува 717 милиони денари.
Одлуката за отпис на долг за неплатена фирмарина на 1.078 фирми регистрирани на територијата на општина Гевгелија стапува на сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на општина Гевгелија“.
А, вие граѓаните, не заборавајте да си го платите данокот на имот, зошто според Законот за облигациони односи долговите на граѓаните спрема јавните установи и претпријатија не застаруваат, ако не ви го наплатат додека сте жив, долгот ќе го наследат вашите најблиски роднини.
Ја немаат граѓаните привилегијата на отпис. Не се тие фирма па да бидат избришани и ослободени од плаќање данок!