Програмите за финансирање на активности од областа на културата и спортот за 2023 година се веќе во предлог форма на разгледување и усвојување на претстојната 23-та седница на Советот на општина Гевгелија закажана за понеделник 13 февруари.
Во програмите се планирани средства за 36 организатори на културни настани и поединци од областа на културата и за исто толку организатори (36) на спортски настани во тековната 2023 година, а се од општи интерес за општината.
Бројот на организаторите иако идентичен, програмите се разликуваат по „тежината“ на финансиската поддршка.
За културата општината планира да издвои 3,6 милиони денари, од кои 2,6 милиони денари за 36-те организатори на културни настани и дела и уште 1.000.000 денари за недефинирани, непријавени настани кои „ќе се појават во текот на 2023 година“ (цитат од Програмата за финансирање на културни настани за 2023), а се од општо добро за Општината.
Ова значи дека во просек секој од организаторите на културни настани, манифестации и автори на културни дела ќе делат по 72.000,- денари.
Инаку поединечните одобрени износи од предлагачот на Програмата за култура (градоначалникот Сарамандов) се движат од 10.000 денари за авторите на книги, поезија, керамички работилници, 20.000 денари за културниот идентитет на Миравци манифестацијата „Ѓура Мара“, од 120-140.000 денари за меѓународните настапи на КУД-ва од Гевгелија, Негорци и Прдејци, 60.000 денари за фестивалот „БОШ“, 130.000 денари за Градскио хор „Гортинија“, 50.000 денари за „Распеани гевгеличани“, 120.000 денари за „Смоквијадата 2023“ која без образложение мируваше во 2022 година, 300.000 денари за 18 културни настани во организација на Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија, 500.000 денари е највисокиот износ, а е наменет за обнова на детскиот музички фестивал „Калинка“.
Кај спортот финансиска поддршка која Општината го наменила за 36 спортски организатори изнесува 12.000.000 денари и уште 500.000 денари за „други активности“ во текот на годината од општо значење за спортот во Општината.
Распределбата е следна: Најголем износ е предвиден за КК „Кожуф“ 4.750.000 денари, следуваат ФК „Кожуф“ со 3.750.000 денари, РК „Партизан 2016“ и ЖРК „Гевгелија“ по 1.000.000 денари, АК „7-ми Ноември“ со 300.000 денари, ЗПСК „Кошув“ 140.000, а ПСК „Двете уши“ 120.000 денари, Шаховскиот клуб 110.000 денари, Мото клуб Гевгелија 120.000 денари и останатите по 40, 30, 20 или 10.000 денари за котизација на учество на спортски настани
Во просек секој организатор на спортски настан тежи 333.000 денари. Тоа е за 4,6 пати повеќе од финансискиот буџетски пакет за културните автори, поединци и организатори на културни настани.
Општина Гевгелија веќе 15 години има традиција на помагање на културни и спортски настани од средствата од локалниот Буџет преку посебни програми што ги усвојува Советот на општината. Највисокиот финансиски колач за културата некогаш изнесуваше 4 милиони денари, а спортскиот 10.000.000 денари. Културниот колач се намалува, финансирањето на спортот расте, а каде сме со спортските резултати знае спортската публика и пошироката јавност во Гевгелија.