Жителите на Гевгелија и годинава не ги запоставија традициите – ја одбележаа Старата Нова Година, Василица, или по гевгелиски, традицијата позната како Сурва.
Се палеа сурварски огнови по градските маала, се печеа колбаси и служеше топла ракија, се пееја сурварски песни дури прифатени и од помладите нови генерации, ама без снег во градот, со ветровито време. Поголемиот дел од граѓаните празнуваа дома, со семејството, со друштво, се кршеше погача со паричка и така се повикуваше благодет во Новата година на преминот од 13 во 14 јануари, според Јулијанскиот календар.
Богато и традиционално беа одбележувањата и во населените места во општината. Во селото Ума прославија со снег и снежен амбиент, со традиционална домашна трпеза.
Во селото Давидово прославија со заедничка вечера во манастирот „Св.Илија“, во Смрдлива вода исто така на чист воздух, со снежен амбиент и домашно подготвено печење.
Во Негорци во црквата „Св. Атанасиј“ се одржа Света Василиева литургија и се кршеше Василичарска погача во која имаше златно крстче. Најсреќен од сите беше Саше Мицев од Негорци во кој се парна парчето погача со Златното Крстче. Честитки!
Најраздвижени во градот беа сурварите, сурварчињата кои пееја „Суравица, баклавица“ носејќи радост и насмевки по семејните домови кои ги посетуваа.
Еве дел од атмосферата:
Сурварските традиции немаат граници, ги одбележуваат деца од 2 години до постари од 92 години. Важно е да се празнува, да се другарува на заедничка веселба, да се зближува народот и да празнува за добро здравје, среќна, бериќетна Стара Нова Година!
СРЕЌНА, здрава, благородна, богата и дародавна Стара Нова Година!