Студентите од белградските факултети кои утрово тргнаа на протестен марш кон Нови Сад стасаа вечерва во Инџија каде ќе преноќат.
Целта им е да дадат поддршка на своите новосадски колеги кои на 1 февруари, кога се навршуваат три месеци од несреќата на железничката станица во тој град, новосоадските студенти организираат блокада на сите градски мостови.
Граѓаните по пат ги поздравуваат студентите, со насмевка, со солзи радосници на сета младост што ја гледаат по патот.
Растојанието меѓу Белград и Нови Сад e 94 километри, а оваа младост тоа ќе го пропешачи без организирани автобуси.
Првата станица за одмор е Инџија, каде вечерва студентите пристигнаа после 12 часа пешачење.
Во Стара пазова студентите се дочекани со 100 метри долга трпеза со продукти за поткрепа, јадење, вода и сокови.
Сместувањето за преноќување на студентите е организирано во просториите на ПМФ
Студентите од Нови Сад организираат блокада на мостовите Варадинскиот, Жежељовиот и Мостот на слободата, а акцијата ја нарекоа „Три месеца – три моста“, покрај колегите од Белград, ќе им се придружат, како што најавија, и бројни јавни личности и претставници на организации од регионот кои го поддржуваат студентското движење иницирано од трагедијата во Нови Сад, а потоа и од насилството врз учесниците на протестот.
На социјалните мрежи, студентите ги повикаа граѓаните од цела Србија, како и колегите од другите универзитети, да им се придружат во сабота на 1-ви февруари во 15 часот за „гласовите на студентите да одекнат низ Србија“ токму од Нови Сад во кој, како што тврдат, „злосторството на државата“ било иницијатор на масовни протести и студентски блокади.